Левица: Граѓаните порачаа, нема да дозволиме замена на груевизмот со заевизмот
Соопштение на политичката партија Левица.
Фијаското на претседателските избори кое го доживеа кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, потврди дека штетните политики кои две години ги води нелегитимната влада немаат одобрување од мнозинството граѓани. Иако 31 партија од владејачката коалиција го поддржаја кандидатот на СДСМ, евидентно е огромното незадоволство манифестирано со изгубени 200 000 гласови во споредба со локалните избори, односно поддршката на власта и нејзините политики во експресен период паднала за цели 40 проценти!
Ваквиот резултат воопшто не е изненадувачки, ако се има предвид дека никакви суштински промени не им беа испорачани на граѓаните, и покрај агресивната и скапо платената кампања за живот и правда во Македонија. Единствено што добија обичните граѓани е насилна и нелегитимна промена на уставното име кое наредната влада е должна да го поништи; амнестирање на криминалите кои ги осиромашија граѓаните; бришење на антифашистичкото минато на македонската држава и на АСНОМ-ските идеали, секојдневни скандали со непотизам и коруптивни зделки; зголемени трошоци за живот; колабирано здравство со најави за негова приватизација, зголемена сиромаштија на сметка на зголемени профити на фирмите блиски до власта.
Дополнително, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, претставува олицетворение на неисполнетите ветувања на власта и манипулацииите со националните интереси, кој иако јавно изјавуваше дека промената на уставното име не може да биде реализирана без државен конзенсус, -односно без одобрување од мнозинството граѓани на задолжителен референдум – спротивно на ваквите негови изјави, тој стана главен пропагатор на насилно и противправно наметнатото име. Граѓаните ја казнија власта за нејзините анти-државнички политики и испратија јасна порака дека ниту една од досегашните владини политики го нема легитимитетот на народот и во иднина како такви ќе бидат поништени! Граѓаните порачаа: нема да дозволиме замена на груевизмот со заевизмот!