Синдикалната минимална кошница за март изнесувала 32 852 денари според “Сојузот на синдикати“

Синдикалната минимална кошница за март 2019 година изнесувала 32 852 денари според анализата на “Сојузот на синдикати на Македонија“. Во пресметката не влегува износот за кирија и претставува пресметка на просечните потреби на едно четиричлено семејство.

Од пресметаните трошоци, 13.798,98 денари или 42 проценти од вкупните трошоци се за храна и пијалоци. Во другите категории можеме да видиме дека „домувањето“, каде се пресметуваат само давачките за сметки и одржување на домот, изнесува 10.414,17 што сочинува 31,7 проценти од вкупниот износ. Другите „поситни“ давачки се хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување на здравје кои го сочинуваат остатокот од трошоците за едно просечно четиричлено семејство.

Ова е класичен пример зошто ССМ често е критикуван дека во најдобар случај е бирократска организација, која не е во тек со реалните потреби на работниците, заради чие претставување воопшто постојат. Пред се, ако се разгледаат самите суми, тие се нереални, а со самото тоа, се што постигнува оваа анализа е делегитимизирање на побарувачките за подобар стандард на работничката класа во целост.

Во моментов, минималната плата изнесува 12.165 денари, што значи дека четиричлено семејство со двајца вработени на минимална плата живеат во подпросечни услови. Важно е да се напомене дека ССМ во февруари предложи зголемување на минималната плата од 12 проценти, што би изнесувало 13 800 денари. Ова барање, доколку би било усвоено, се уште не ги задоволува потребите пресметани во „синдикалната минимална кошница“.

Односно, жолтите синдикати кои се во тесна спрега со секоја владеачка бизнис партија, очигледно постојат само за задоволување на сопствени лични бенефиции и минимизирање на борбата за подобри работнички права и подобар живот на работниците. Ваквите синдикати единствено се во служба на енормните профити на крупниот капитал, кои со децении ги кратат и деградираат основните права на работниците, при што обичниот работник продолжува да живее во сиромаштија и беда. Затоа потребно е целосно елиминирање од политичката сцена на ваквите лажни претставници на работниците и организирање нови форми на организиран отпор за враќање на достоинството на работникот како главен двигател на економијата.