Империјализам: највисок стадиум на капитализмот – Предговор

Оваа брошура ја напишав, како што е укажано, во предговорот кон руското издание во 1916 година во услови на царската цензура. Сега немам можност да го преработам целиот текст, а тоа, впрочем, и не би било целисходно, зашто основната задача на книгата беше и останува: да се покаже, врз основа на општите податоци на неоспорената буржоарска статистика и признавањата на буржоарските научници од сите земји, каква била општата слика на светското капиталистичко стопанство, во неговите меѓународни заемни односи, во почетокот на XX век, во предвечерината на Првата светска империјалистичка војна.

За многу комунисти во развиените капиталистички земји донекаде ќе биде дури и корисно да се уверат врз примерот на оваа од гледиштето на царската цензура легална книшка; во можноста – и неопходноста – да се искористат дури и оние слаби остатоци на легалноста што уште им остануваат на комунистите, да речеме во современа Америка или во Франција, по неодамнешното апсење на речиси сите комунисти, за разјаснување на сета лажност на социјал-пацифистичките гледишта и надежи во „светска демократија”. А најпотребните дополнувања на оваа книшка, пишувана во условите на цензурата, ќе се обидам да ги дадам во овој предговор.

II

Во книшкава е докажано дека војната од 1914-1919 година беше на обете страни империјалистичка(т.е. Освојувачка, грабачка, разбојничка) војна, војна за поделба на светот, за поделба и повторна поделба на колониите, на „сферите на влијание” на финансискиот итн.

Зашто доказот за тоа каков е вистинскиот социјален, или поточно: вистинскиот класен карактер на војната, се наоѓа, се разбира, не во дипломатската историја на војната, туку во анализата на објективната положба на владеачките класи во сите војувачки држави. За да ја прикажеме таа објективна положба, треба да земеме не примери и не одделни податоци (при огромната сложеност на појавите од општествениот живот можеме секогаш да најдеме колку сакаме примери или одделни податоци за потврда на која било теза), туку бездруго целокупноста на податоците за основите на стопанскиот живот на сите војувачки држави и целиот свет.

Токму такви општи податоци, кои не можат да бидат негирани, приведов прикажувајќи ја поделбата на светот во 1876 и 1914 година (во глава 6) и поделбата на железниците од целиот свет во 1890 и 1913 година (во глава 7). Железниците се резултат на најглавните гранки на капиталистичката индустрија: на индустријата за јаглен и црнта металургија, резултат – и најочигледни показатели на развитокот на светската трговија и буржарско-демократската цивилизација. Како се поврзани ѓелезниците со крупното производство, со монополите, со синдикатите, картелите, трустовите, банките, со финансиската олигархија – покажано е во претходните глави на книгата. Распределбата на железничката мрежа, нејзината нерамномерност и нерамномерноста на нејзиниот развиток се резултат на современиот, монополистичкиот капитализам во светски размери. И тој резултат ја покажува апсолутната незбежност на империјалистички војни врз таква стопанска основа, додека постои приватна сопственост над средствата за производство.

Изградбата на железниците изгледа прост, природен, демократски, културен, цивилизаторски потфат: таа е таква во очите на буржоаските професори, што ги плаќаат за разубавување на капиталистичкото ропство, и во очите на ситнобуржоаските филистери. Всушност, капиталистичките нишки, кои со илјадници свои мрежи ги поврзуваат тие потфати со приватната сопственост над средствата за производство воопшто, ја претворија таа изградба во орудие на угнетување на милијарда луѓе (колонии плус полуколонии), т.е. Повеќе од половината население на земјината топка во зависните земји и наемните робови на капиталот во „цивилизираните” земји.

Приватната сопственост, заснована врз трудот на ситниот сопственик, слободната конкуренција, демократијата, – сите тие пароли со кои капиталистите и нивниот печат ги измамуваат работниците и селаните останаа далеку назад. Капитализмот прерасна во светски систем на колонијалното угнетување и финансиското задушување на огромното мнозинство од населението на земјината топка од страна на грст „напредни” земји. И поделбата на тој „плен” се врши помеѓу 2 – 3 во светските размери моќн, до заби вооружени грабливци (Америка, Англија, Јапонија), кои ја вовлекуваат целата земја во својата војна околу поделбата на својот плен.

III

Брест-литовскиот мир[1] што го диктираше монархистичка Германија, а потоа многу поѕверскиот и поподол Версајски[2] мир, што го диктираа „демократските” републики, Америка и Франција, а исто така и „слободната” Англија, му направија голема услуга на човештвото разобличувајќи ги како платените драскачи на империјализмот, така и реакционерните малограѓани, иако тие се нарекуваат себеси пацифисти и социјалисти што го воспеваа „вилсонизмот”[3], докажувајќи ја можноста за мир и реформи под империјализмот.

Десетници милиони трупови и осакатени што ги остави војната, војна околу тоа која група финансиски разбојници, англиската или германската, треба да добие повеќе од пленот, и потоа тие два „мировни договори” им ги отвараат, со досега невидена брзина, очите на милиони и десетници милиони луѓе, заплашени, угнетени, измамени, испрелегани од буржоазијата. Врз базата на осиромашувањето во светот што го создаде војната, расте, на тој начин, светската револуционерна криза, која, низ макар како долги и тешки перипетии да минува, не може да заврши поинаку одошто со пролетерска револуција и нејзина победа.

Базелскиот манифест на II Интернационала е резолуција против војната усвоена на вонредниот конгрес на Втората интернационала во Базел во 1912 година. Непосреден повод за свикувањето на конгресот беа балканските војни и опасноста од светска војна. И се дава карактер на империјалистичка војна, и се повикуваат сите социјалисти на светот, сите нивни организации, да водат непомирлива борба против војната и да не и даваат никаква поддршка на политиката што води кој војна. – Манифестот им препорача на сите социјалисти во светот – ако, и покрај сите напори да се спречи војната, дојде до војна – да ја искористат политичката и економската криза што неминовно ќе ја предизвика војната, за борба за социјалистичка револуција. Водачите на Втората Интернационала: Кауцки, Вандервелде и други гласаа на конгресот за усвојување на тој манифест. А кога во 1914 година избувна империјалистичката војна, тие го заборавија манифестот и им дадоа поддршка на „своите” влади за водење на војната.

Овој манифест, кој во 1912 година даде оценка токму на онаа војна што изби во 1914 година, а не на војната воопшто (војни има разни, има и револуционерни), тој манифест остана споменик што го покажува сиот срамен крах, сето регенатство на јунаците на II Интернационала. Затоа јас го препечатувам тој манифест како прилог кон ова издание и уште еднаш им обрнувам внимание на читателите на тоа дека јунаците на II Интернационала ги обиколуваат исто така грижливо оние места на тој манифест во кои се зборува прецизно, јасно, директно за врската токму на таа идна војна со пролетерската револуција – обиколуваат исто така грижливо како што крадецот го обиколува она место каде што ја извршил кражбата.

IV

Особено внимание во оваа книшка ѝ е посветено на критиката на „кауцкијанството”[4] на меѓународната идејна струја која во сите земји од светот ја претставуваат „највидните теоретичари”, водачите на Втората Интернационала (во Австрија – Ото Бауер[5] и компанија, во Англија – Рамзеј Макдоналд[6] и други, во Франција – Албер Тома[7] итн.) и маса социјалисти, реформисти, пацифисти, буржоарски демократи, попови.

Таа идејна струја е, од една страна, продукт на распаѓањето, на гниежот на II Интернационала, а од друга страна – неизбежен плод на идеологијата на ситните буржуи –  коишто сета животна ситуација ги држи во ропство на буржоарски и демократски предрасудоци.

Кај Кауцки и нему сличните таквите гледишта значат полно откажување токму од оние револуционерни основи на марксизмот, кои тој писател ги бранеше десетници години, специјално, помеѓу другото, во борбата против социјалистичкиот опортунизам (на Бернштајн[8], Милеран[9], Хајндман[10], Гомперс[11] итн.). Затоа не е случајно што во цел свет „кауцкијанците”  сега практично-политички се обединија со крајните опортунисти (преку Втората или жолтата интернационала), и со буржоарските влади (преку коалиционите буржоарски влади во кои учествуваат социјалистите).

Во целиот свет се посилното пролетерско револуционерно движење, воопшто, а комунистичкото посебно, мора да ги анализира и разоблучува теоретските грешки на „кауцкијанството”. Ова мора да се прави дотолку повеќе што пацифизмот или „демократизмот” воопшто, кои ни најмалку не претендираат на марксизам, но кои сосем онака како Кауцки и компанија ја заташкуваат длабочината на противречностите на империјализмот и неизбежноста од револуционерна криза што тој ја породил – што тие струи уште вондредно силни се распространети во целиот свет. И борбата против струи е задолжителна за партијата на пролетеријатот, која мора од буржоазијата да ги освојува ситните сопственици и милионите трудбеници што таа ги излагала, кои се поставени во помалку или повеќе ситнобуржоарски животни услови.

V

Потребно е да се кажат уште неколку збора за VIII глава: „Паразитизмот и гниењето на капитализмот”. Како што веќе е истакнато во текстот на книгата, Хилфердинг, бивш „марксист”, сега соборец на Кауцки и еден од главните претставници на буржоарската, реформистичка политика во „Независната социјалдемократска партија на Германија”[12], направи по тоа прашање чекор назад во споредба со отворениот пацифист и реформист, англичанецот Хопсон. Меѓународниот расцеп на целото работничко движење сега веќе целосно излезе на виделина (II и III Интернационала). Излезе на виделина исто така и фактот на вооружена борба и граѓанска војна помеѓу двете струи и помагањето на Колчан и Деникин во Русија од страна на меншевиците и „социјалистите-револуционери” против болшевиците, шајдемановци[13], Носке[14] и компанија во Германија со буржоазијата против спартаковците[15], истата работа е во Финска, Полска, Унгарија итн. Во што е економската основа на таа светскоисториска појава?

Токму во паразитизмот и гниењето на капитализмот, кои му се својствени на неговиот највисок историски стадиум, т.е. на империјализмот. Како што е докажано во оваа книшка, капитализмот сега издели грст (помалку од десеттиот дел на населението на земјата, по „најгалантната” и преувеличена сметка помалу од петтиот дел) особено богати и моќни држави кои го ограбуваат – „со просто сечење купони” – целиот свет. Извозот на капитал дава годишен доход од 8 – 10 милијарди франки, според предвоените цени и предвоената буржоарска статистика. Денсе, се разбира, многу повеќе.

Јасно е дека од тој џиновски екстра профит (зошто тој се добива плус од профит којшто капиталистите го исцедуваат од работниците на „својата” земја) е можно да се поткупуваат работничките водачи и горниот слој од работничката аристрократија. Него и го поткопуваат капиталистите од „напредните” земји – го поткупуваат на илјадници начини, директни и индиректни, отворени и прикриени.

Тој слој буржоазирани работници или „работничка аристократија”, наполно малограѓански по начинот на живеење, по големината на заработките, по целиот свој поглед на светот, е главната опора на II Интернационала, а во нашиве дни главната социјална (не воена) опора на буржоазијата. Зошто тие се вистински агенти на буржоазијата во работничкото движење, работнички помошници на капиталистичката класа (labor lieutenants of the capitalist class), вистински спроводници на реформизмот и шовинизмот. Во граѓанската војна на пролетеријатот против буржоазијата тие неизбежно застануваат, во голем број, на страната на буржоазијата, на страната на „версајците”[16] против „комунарите”[17].

Без да се разберат економските корени на таа појава, без да се оцени нејзиното политичко и општествено значење, не може да се направини чекор со областа на решавањето на практичните задачи на комунистичкото движење и социјалната револуција што доаѓа.

Империјализмот е приквечерина на социјалната револуција на пролетеријатот. Тоа се потврдува од 1917 година во светски размери.

6 јули 1920 година

Н. Ленин


[1] Брест-литовски мир – мир што под многу тешки услови го склучи штотуку образуваната Советска држава (Советска Русија) со Централните сили: Германија на цар Вилхелм, Австро-Унгарија, Турција и Бугарија. Договорот е потпишан на 3 марти 1918 год. во Брест-Литовск и беше во сила до поразот на Германија на западниот и јужниот фронт кон крајот на 1918 год. (заб. на автор)

[2] Версајски мир – мир склучен по Првата светска војна во Версај, на 28 јуни 1919 година. Со договорот за мир Германија ја призна одговорноста за војната, им ги предаде на победниците сите колонии и загуби многу територии во Европа, се обврза на полно разоружување и на плаќање воена оштета во износ од 132 милиони златни марки во рок од 30 години. Австрија е со тој договор е сведена на територијата што  ја има главно и денеска. Тој мир всушност беше диктат на победниците на Антантата над Централните сили. (заб. на автор)

[3] Вилсонизам – концепциите на Вудроу Вилсон (Woodrow Wilson), претседател на САД во времето од 1913 до 1924 година, што тој ги има формулирано во вид на свои 14 точки за принципите на воспоставувањето на светскиот мир.

[4] Кауцкијанство – назив за ставт и теориите на Карл Кауцки и на неговите следбеници, коишто, и во теоријата и во практиката се однесуваа помирливо спрема ревизионизмот на Бернштајн и другите, иако го критикуваа на зборови, додека дефинитивно не се стркалаа во сосем отворен ревизионизам и социјал-шовинизам.

[5] Бауер Ото – еден од истакнатите водачи на австриската социјал-демократија. Спаѓа во кругот на таканаречени австромарксисти. Во теоретските и политичките разидувања во II Интернационала заземаше „центристички ставови” – всушност стоеше на позициите на реформизмот и социјал-шовинизмот. Во времето на Првата светска војна клонеше повеќе кон социјал-шовинизмот. По војната беше министер за надворешни работи на Австриската република.

[6] Макдоналд Рамзеј – еден од основачите на Независната работничка партија и на Лабуристичката партија во Англија. Беше еден од теоретичарите на таканаречениот „конструктивен социјализам”, којшто се засновува врз соработката на работничката и капиталистичката класа.

[7] Тома Албер – француски социјалист којшто во време на Првата светска војна стана отворен социјал-шовинист. Во 1915-1917 беше министер за вооружување. Кога – по Првата светска војна – беше формирано Друштвото на народите, стана директор на Меѓународното биро на трудот при Друштвото на народите во Женева и на таа положба остана до својата смрт.

[8] Едуард Бернштајн – германски социјалдемократ, идеолог на ревизионизмот. Своите погледи ги изложи во книгата „Претпоставките на социјализмот и задачите на социјалдемократијата”. Од него потекнува премисата „Целта не е ништо – движењето е се!”. Во времето на Првата светска војна беше „центрист”, потоа еден од водачите на германската социјалдемократија и на II Интернационала.

[9] Милеран Етјен – француски политичар. Почна како радикал. Кон деведесеттите години им приоѓа на социјалистите. Во 1899 година станува министер во буржоарската влада – што се смета како прв случај  за учество на социјалист во буржоарска влада. Неговиот случај предизвика расцеп во француската Социјалистичка партија на гедисти, противници на учеството на социјалистите во буржоарските влади, и жоресисти, кои го поддржуваа Милеран. Во 1904 година бидува исклучен од Социјалистичката партија и основа партија на „независни социјалисти”. Во 1912-1913 и 1914-1915 беше министер на војската. Во 1920-1924 беше претседател на француската република.

[10] Хајндман Хенри – видна личност на француското работничко движење. По потекло е од имашлива граѓанска фамилија. Во 1881 ја основа Лондонската демократска федерација, којашто во 1884 прераснува во Социјалдемократскат федерација – прва марксистичка партија во Велика Британија. Беше на чело на таа партија се до 1915 година, кога беше исклучен од неа поради социјал-шовинистичкиот став по прашањето за војната. Подоцна се повеќе се оддалечува од работничкото движење и станува приврзаник на интервенцијата против социјалистичката револуција во Русија.

[11] Гомперс Семјуел – еден од познатите водачи на синдикалното работничко движење во САД. Од 1882 година до својата смрт беше претседател на Американската федерација на трудот. Еден од најпознатите творци на теоријата (којшто и по него нарекува гомперсизам) дека работничката класа може да се ослободи од власта на капиталот на тој начин што работничките синдикати би основувале и развивале свои фабрики. Застапување ревизионистичка и реформистичка линија и беше за сподогување со буржоазијата. Во времето на Првата светска војна развиваше остра кампања против Германија и беше за сестрана поддршка на владата во војната против Германија.

[12] Независна социјалдемократска партија на Германија – „центристичка” партија, создадена во април 1917. Основен дел од партијата претставуваше кауцкијанската организација „Работна слога”. „Независните” пропагираа „единство” со отворените социјалшовинисти, ги оправдуваа и ги бранеа, бараа откажување од класната борба. Во октомври 1920 година на Конгресот на Независната социјалдемократска партија во Хале стана расцеп. Значителен дел од неа во декември 1920 година се обедини со Комунистичката партија на Германија. Десните елементи образуваа одделна партија и го зедоа старото име Независна социјалдемократска партија, којшто постоеше до 1922 година. 

[13] Шајдемановци – следбеници на Филип Шајдеман во германската социјалдемократска партија. Изразити десничари и социјал-патриоти. Во Времето на Првата светска војна помагачи  на германската буржоарско благородничка влада во водењето на империјалистичката војна. По свршувањето на војната задушувачи на социјалистичката револуција во Германија.

[14] Носке Густав – германски десен социјалдемократ. Во времето на Првата светска војна изразен помагач на германскиот империјализам. Ја истакна паролата „Војна до победоносен крај”. По свршувањето на војната воен министер во социјалистичката влада. Организатор на крвавото задушување на револуционерното востание на морнарите во Кил, – еден од организаторите на убиството на Роза Луксембург и Карл Либкнехт. Живееше слободно и во Хитлерова Германија.

[15] Спартаковци – членови на сојузот „Спартак”, којшто се образува во периодото на Првата светска војна. Во почетокот на војната од германските леви социјалдемократи беше формирана групата „Интернационала”, којашто ја раводеа Карл Либкнехт, Роза Луксембург, Франц Меринг, Клара Цеткин и други. Оваа група почна да се вика и сојуз „Спартак”. Спартаковците водеа револуционерна пропаганда во масите против империјалистичката војна, ја разобличуваа завојувачката политика на германскиот империјализам и предавството на водачите на социјалдемократијата. Во 1917 спартаковците влегоа во „центристичката” партија на „независните”, со тоа што ја зачуваа својата организациона самостојност. По ноемвриската револуција од 1918 година во Германија, спартаковците раскинаа со „независните” и во декември истата година ја основаа Комунистичката партија на Германија.

[16] Версајци – поим за контрареволуционерните сили и џган по аналогија на контрареволуционерите од Версај во времето на Париската комуна.

[17] Комунари – борци на Париската комуна. По аналогија тој израз се употребува фигуративно за сите доследни и храбри револуционери, борци за ослободувањето на работничката класа.