„Ние ги правиме правилата“ – Португалија им порача на САД по заканите за нивната соработка со НР Кина

Откако амбасадорот на САД во Португалија изјави дека Португалците мораат да изберат помеѓу САД и Кина или да се соочат со последиците, доби остри критики од страна на лидерите на португалската влада.

Португалскиот претседател, Марсело Ребело де Соуса, пред новинарите во понеделникот изјави: „Во Португалија има претставници избрани од самите Португалци и само тие одлучуваат за својата судбина, почитувајќи го Уставот и правата што им се дадени.“

Амбасадорот на САД претходно за весникот „Експресо“ изјави дека Португалија мора да избере меѓу своите американски „пријатели и сојузници“ и својот „економски партнер“ Кина. Тој дури и ја опиша земјата како „бојно поле“ меѓу Вашингтон и Пекинг. „Португалија може да очекува последици поврзани со безбедноста и одбраната, доколку одлучи да соработува со Кина пред САД, во однос на развојот и имплементација на 5G мрежите и друго”, рече американскиот амбасадор Џорџ Гласс.

Како одговор на ваквата изјава на амбасадорот, министерот за надворешни работи на Португалија,  Августо Силва, изјави: „Во Португалија, носители на одлуки се португалските власти кои одлучуваат кои се интересите на Португалија“.

Кина, во декември 2018 година, ја вметна Португалија во својата иницијатива за Појас и пат и во последниве години кинеските компании инвестираа околу 10 милијарди евра во земјата.