Левица: Промената на името ќе донесе покорни луѓе и земја без иднина

Интегрално го пренесуваме ставот на политичката партија Левица во врска со промената на името:


Да се каже дека „сме против промена на името“ е недоволно. Актерите кои се за промена на името се сите владејачки политички структури во Македонија, во Грција и Западните сили.  Сите три страни наместо решавање на проблемите, работат против интересите на народите кои ги предводат.

Ние ги осудуваме политиките и стратегиите на владејачките партии во Македонија, што задоени со погрешната идеологија на „слободен пазар“, се спроведуваат како во регулација на поредокот во социјалната сфера, така и во надворешната политика. Нивната политика е ветување дека доколку народот попушти, го стегне ременот и се откаже од своите потреби и задоволства, еден ден со магичен влез во сојуз било тој да е НАТО или ЕУ, животниот стандард ќе порасне. Илузијата на евро-атлантските интеграции се култивира со децении и е последна сламка на една депресивна заедница како македонската. Властите на СДСМ затоа како врвен приоритет на нивното едногодишно кревко владеење го туркаат зачленувањето во НАТО сојузот пред индустрискиот и технолошкиот развој или пред здравствените проблеми. И тука се спремни да направат големи отстапки пред моќната грчка дипломатија и пред Западниот империјализам само за да останат да власт..

Однесувањето на македонската дипломатија (Османи, Димитров, Заев и др.) премногу наликува на дипломатијата од 1998/99 и тајванската авантура: тајна е, водена од прагматизам, за неа дознаваме од странскиот печат. Овојпат се уште не се лицитирало за фамозните „1 милијарда долари“, но веројатно цената на името е завиткано со понуда за подобар живот. Навистина, треба да си многу многу „способен“ да направиш полош живот од сегашниот.

Интересно е глумењето на опозиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кога во основа таа иста партија кога беше на власт ја спроведуваше идентично политиката на сервилност спрема империјализмот. Слично се однесуваше и СДСМ кога не беше на власт – се изјаснуваше против промена на името, или пак повикуваше на задолжително референдумско изјаснување. Овој проблем со името е влошен поради националистичката и иредентистичка политика на ВМРО- ДПМНЕ (Конгрес во Солун, „етнички карти на Македонија“ итн), што послужи како провокација на грчките политичари и засилување на нивните шовинистички позиции во грчкото општество.

Бајката што ја продаваат македонските власти дека промената на името не го доприра идентитетот е мотивирана од нивната сервилна и краткогледа политика. Секако дека со формална промена на името на државата или ознаката на народот не се менува народот. Без мистификација околу идентитетот и јазикот, со ова практикување на политика се култивира народ кој треба да трпи повеќе, да биде повеќе угнетен со мизерни плати и на дното во Европа и регионот. Исто така и народ кој треба да се потчини на угнетувачките практики кои доаѓаат од  силниот Запад. Кога ќе се соберат сите овие факти очигледно е дека грижата за идентитетот на нашите мејнстрим политичари и интелектуалци кои припаѓаат на едната провениенција од политичкиот естаблишмент (власта предводена од СДСМ) или другата (опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ) е само фарса за нивната неспособност и безидејност во тоа како да го вратат достоинството на македонскиот народ кој се гуши во економската оскудност и несигурност создадена од капитализмот.

Самото барање за промена на името од страна на грчката страна е најгруба повреда на основните демократски права на македонскиот народ. Овие барање се демонстрација на сила и се поврзани со граѓанската војна во Грција, каде македонската народност, како и тогашната Југославија, јасно ги зеде позициите на ДАГ и ЕЛАС кои на крајот беа поразени. Покрај тоа, како фактор за грчката политика кон државата Македонија е намерата за зајакнување на својата сфера на влијание контра сферата на Република Турција.

Дамнешната одлука на македонските власти беше да поклекнат пред помоќниот Запад и Грција, да го променат знамето, Уставот и името да биде Поранешна југословенска република Македонија. Реално, за оваа гломазна референца немаше прифатеност, а во Грција се користи или Фиром или Скопја.

Референдумското изјаснување не е посакувана опција на СДСМ плус ДУИ. Првата партија има долга традиција на саботирање на референдуми – дали со матни прашања од типот „дали сте за независност, ама и право во Југославија“ или со постапката на отворен бојкот по прашањето за локалната самоуправа од 2004 година, кога излезе со контракампања Некои прашања не заслужуваат одговор. Да се потсетиме дека референдумот за локална самоуправа пропадна поради малата излезеност (25%), но и дека бројот на околу 420 илјади граѓани се најверојатно истите тие кои му донесоа победа на, по потреба националистичкото, ВМРО година дена подоцна. Два дена пред одржување на овој референдум, САД ја признаа државата под уставно име и со тоа извршија притисок на граѓаните да ја послушаат волјата на американските дипломати и да го бојкотираат референдумот. Големи се шансите предлогот за промена на името да не добие мнозинство. Левица е против секаков предлог зa промена на името на нацијата, но доколку се распише референдум со ново име ќе го соопшти ставот за бојкот или против, согласно процената референдумот за промена да пропадне и Македонија да го задржи истото име.

Левица го повикува целиот народ на Македонија, посебно Албанците, Турците, Србите и другите, да не избрзуваат со давање на поддршка на елитите, кои ако се спремни да го прокоцкаат името на македонската нација, истото ќе го направат и за другите.

Самоопределување на нациите е принцип која Левица го има не само за македонската нација туку и за сите други угнетени. Водени од искуството и традицијата на партизаните, којашто е отворено антифашистичка, против тогашниот моќен империјалистички сојуз, како и децениите по 1944 година на раст на нацијата вон блоковската политика, црпиме богато искуство дека не преку воен сојуз со некои имагинарни пријатели преку морињата, туку здружување со соседите ќе доведе до опстанок и развој.

Официјалната промена, кога за тоа ќе се договорат елитите, нема да допре во Грција, повторно по весниците ќе пишуваат Скопја, скопјански јазик и слични понижувачки ословувања. Јасно е дека нема ништо да добие обичниот грчки народ заглавен во долгови токму од креаторите на овој апсурден спор. Единствени победници од ова се капиталистите од Македонија и Грција, кои ќе ги продаваат своите стоки непречајно, а и Западните империјалисти затоа што тоа ќе биде нива слатка мала победа.

И како и продорната мисла на македонскиот претседател дека по декември доаѓа јануари, прашан пред многу години за меѓународната политика на Македонија, може да кажеме дека нивното време помина, дека немаат капацитет да донесат благосостојба на македонската нација.

ПС Надворешна политика, одбрана и безбедност

14/01/2018