Интервју со Колариќ: Поскапи кредити за народот, повисоки профити за банките

  • Интервју со на Јулијана Штрковска Колариќ – Координатор на Левица – Сектор финансии и член на Централниот Комитет на Левица, по однос на монетарната политика, инфлацијата, државното задолжување, како и ставовите на Левица по однос на овие прашања.

Антропол: Во последно време, Власта зборува за стабилизација на високата инфлација. Тогаш зошто Народна банка ја качува референтната стапка?

Колариќ: Почнувајќи од јули 2022 година, Народна банка во континуитет ги зголемува каматните стапки и продолжува со затегнување на монетарната политика, преку примена на повеќе инструменти, заради, според неа, одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок. Така, референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата од 1,25% пред година и пол, порасна на 6,30%.

Иако, дел од експертите предупредуваа дека се работи за класичен пример на инфлација на трошоци и дека монетарната политика не е толку ефикасна како што се мерките кои би се преземале со фискалната политика, Народна банка и понатаму продолжува да ги затега монетарните мерки.

Од друга страна, според Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор, солвентноста на банките бележи подобрување, ликвидноста е на задоволително ниво, добивката во третиот квартал во 2023 година е зголемена за 50,5% во споредба со истиот период од претходната година, а стапката на нефункционалните кредити е подобрена. Резултатите од симулациите за отпорноста ја потврдуваат отпорноста на „домашниот“ банкарски систем, дури и преку спроведување екстремна симулација.

Со овие мерки, најголема добивка имаат банките, а ценовните шокови и понатаму ги дестабилизираа семјните буџети.

Антропол: Што значи референтната стапка за македонската економија? Како таа влијае на куповната моќ на населението?

Колариќ: Со референтната стапка, која од 01.01.2024 година изнесува 6,30% се пресметува казнената камата за пречекорувањата на платежните сметки, како и казнената камата во договорите во кои барем едно лице не е трговец, за долг во денари. Максималната стапка на казнена камата сега изнесува 14,30% (6,3% + 8 процентни поени), а за трговските договри до 16,30% (6,3% + 10 процентни поени). Оваа стапка бележи највисок раст во последните 12 години. Со неа се пресметуваат и негативните салда на тековните сметки, кои во ноември 2023 година изнесуваа 113 милиони евра, како и одобрените кредити на кредитните картички во износ од 163 милиони евра во истиот период.  

Договорните каматни стапки се пресметуваат за сите достасани а ненаплатени побарувања во договорите со трговци или лица од јавното право и не може да е повисока од законски утврдената казнена камата, зголемена за 50%.

Не се во поповолна положба корисниците на кредити со променлива каматна стапка, поради тоа што е врзана или со СКИБОР, или шестмесечен ЕУРИБОР, или со каматната стапка на благајничките записи, која од 1,25% пред нешто повеќе од година, се зголеми на 6,30%.

Растот на референтната стапка негативно влијае на куповната моќ на населението. Кредитите се сè поскапи, како за физичките лица, така и за корпоративниот сектор.

Антропол: На долг рок како ќе се одрази затегањето на монетарната политика? Дали сметате дека очекуваниот исход ќе биде на штета на народот?

Колариќ: Додека Владата се фали дека инфлацијата е намалена и стабилизирана, затегањето на монетарната политика продолжува. Премногу е очигледно дека оваа политика им овозможува на банките екстра профит. Банките заработија безмалку 200 милиони евра профит за девет месеци претходната година, од кои 150 милиони евра остварија триото Комерцијална, НЛБ и Стопанска Банка АД Скопје. Во Македонија само една банка е во државна сопственост (Развојна банка на Македонија), девет банки се во претежна сопственост на странски акционери од Австрија, Бугарија, Грција, Словенија, Турција и Швајцарија, а само три се во претежна сопственост на домашни акционери. Учеството на странскиот капитал во големите банки е повисок од 86%. Приходите од камати во споредба со минатата година им се зголемени за 50 отсто и најголемиот дел од профитите кои ги остваруваат преку камати, провизии и надоместоци, се одлеваат во странство. Профитабилноста во банкарскиот сектор не е резултат на поефикасно, порентабилно или поекономично работење, туку законски им е овозможено со растот на каматните стапки.

Народот се задолжува сè повеќе, не само со кредити, туку и со негативни салда и кредитни картички. Со рефинансирање се обидува да ги покрие дупките во домашниот буџет, но само се префрлаат парите од шупливо во празно.

Додека некој се задолжува, друг се луксузира и штеди. Вкупните депозити за домаќинства во ноември изнесуваат 5,5 милијарди евра. За разлика од богатите, обичниот граѓанин ги покрива дупките во семејниот буџет преку кредитни картички и пречекорување на тековните сметки. Со продлабочување на јазот на сиромаштијата, нерамномерната распределба на приходите се зголемува.

Високите каматни стапки ќе го забават капиталниот развој, кој со децении стагнира и речиси нема капитални инвестиции, а Владата и понатаму планира реализација на капитални проекти преку субвенции на претпријатија и невладини организации, дури 41 отсто од вкупните капитални расходи

Антропол: Се чини дека банкарскиот сектор е стабилен додека населението се соочува со ризик од зголемена економска неликвидност. Дали ќе се соочиме со поскапи кредити и ценовни шокови?

Колариќ: Комерцијалните банки пливаат во ликвидност и немаат потреба од дополнителни ликвидносни средства од нашата централна банка. Народна банка во своите соопштенија вели дека банкарскиот сектор е стабилен и соодветно се справува со тековните предизвици. На ранг листата на SEE TOP 100 во Југоисточна Европа се најдоа Комерцијална Банка АД на 46-то место, Стопанска Банка АД Скопје на 51-во место, НЛБ Банка на 54-то место, Халк банка АД на 67-мо место и Шпаркасе Банка на 69-то место.

Меѓутоа, како се справува народот со поскапи кредити и ценовни шокови?

Власта очигледно не презема мерки на подолг рок. Со новите каматни стапки на банките им се овозможува дополнителен екстра профит, на сметка на граѓаните кои претежно ги користат нивните крајно неповолни кредити поради егзистенцијални причини. Најранливата група граѓани и понатаму ќе остане во должничко ропство од кое тешко се излегува со постојаното зголемување на каматните стапки.

Богатите немаат потреба од кредити за да го решат станбеното прашање, да купат автомобил или да закрпат некоја дупка во семејниот буџет и своите депозити ги вложуваат во акции, обврзници или купуваат недвижен имот, за да стекнат повисоки приходи. Особено што цената на становите последниве две година расте и не стивнува. Во последниот квартал во 2023 година, покачувањето на цената на становите изнесува дури 44 отсто споредено со 2010 година,. За богатите, најбезбедно е да ги оплодат своите пари со купување на недвижности.

Монетарните мерки им овозможија на лихвобанкарите да профитираат, додека народот барајќи излез за надминување на сиромаштијата, стана сè посиромашен и позаглавен во долгови.

Во Македонија, неликвидни се обичните граѓани, поради погубните политики на власта, која не управува домаќински со народните пари и буџетскиот дефицит и голем дел од расходите ги покрива со домашни и странски задолжувања.

Антропол: Кој е вашиот и ставот на Левица за решавање на проблемот?

Колариќ: Антилихварското законодавтсво е значаен дел од изборната програма на Левица. Пратениците од Левица поднесоа Предлог законот за дополнување на Законот за платен промет по скратена постапка, односно т.н. антипровизиски закон за намалување на екстрапрофитите на банките, меѓутоа на собраниска седница во ноември 2022 година беше одбиен. Иако премиерот Ковачевски претходно јавно истакна дека би поддржале закон, со коишто би се отстраниле манипулациите кои ги прават банките врз грбот на граѓаните по пат на т.н. скриени трошоци и кои ги наплаќаат согласно тарифа која самите си ја донесуваат.

Левица од позиција на власт, законски ќе го ограничи делувањето на банките (кои профитираат од сиромаштијата на народот) и прогресивно ќе ги оданочи екстра профитите на најголемите компании. Со доаѓањето на власт на Левица, ќе се донесат закони со кои ќе се регулира банкарскиот систем во целина, како и финансиските друштва кои одобруваат брзи кредити со кои граѓаните запаѓаат во должничко ропство. Народот нема да плаќа лихварски камати и на достоинствен начин ќе ги покрива своите семејни потреби во домашниот буџет. Должничкото ропство ќе биде еден мрачен период од тридецениското владеење на СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ!