Израел го ограничува пристапот до Ал Акса пред Рамазан

Израел ќе го ограничи пристапот на муслиманските верници до џамијата Ал Акса во Ерусалим за време на претстојниот муслимански свет месец Рамазан во согласност со безбедносните потреби, соопшти денеска канцеларијата на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

– Премиерот донесе избалансирана одлука да дозволи слобода на вероисповед во рамките на безбедносните потреби што треба да ги утврдат професионалци – се вели во соопштението, но не се дадени дополнителни детали, пренесува Ројтерс.

Израелскиот министер за јавна безбедност, Итамар Бен Гвир, екстремно десничарски коалициски партнер во владата на Нетанјаху, тврди дека „оние кои го мразат Израел“ ќе го искористат настанот за да покажат поддршка за раководството на палестинската милитантна група Хамас и да поттикнат насилство.

Хамас ги нарече ограничувањата „продолжување на ционистичкото злосторство и религиозна војна што ја водат група екстремистички доселеници во терористичка окупациска влада против нашиот палестински народ“ и ги повика Палестинците во Израел, Ерусалим и окупираниот Западен Брег „да ја отфрлат оваа злосторничка одлука, да се спротивстават на ароганцијата и дрскоста на окупацијата и да се мобилизираат да застанат цврсто во џамијата Ал Акса“.