Роџер Вотерс за апсењето на Асанж: Се срамам што сум Британец

Поранешниот фронтмен на легендарниот рок бенд, Пинк Флојд, го осуди неодманешното апсење на Џулијан Асанж од страна на британската полиција. Во неговите изјави тој вели дека „иако Викиликс најавуваше дека вакво нешто ќе се случи, сепак глетката како го изведуваат Асанж и го носат во комбе беше апсолутен доказ дека Велика Британија стана предан соучесник и сателит на американската империја, за да направи нешто целосно спротивно на законите, моралните, етичките и фактичките законски ограничувања. Ваквиот потег е апсолутно застрашувачки и засрамувачки што ме прави да се срамам шпто сум Британец.”

Тој додава дека „тие полека го убиваат Асанж, затоа што од неговиот изглед може да се заклучи дека не видел дневна светлина последниве шест години, без да направи никаков криминал, туку единствено поради тоа што Доналд Трамп сака да го види мртов. Голема е веројатноста тој да заврши мртов, и токму затоа за време на неговото апсење, Асанж го повика народот на Британија да се спротистави. И треба, треба да се спротистави. Треба да има генерален штрајк за да се спречи неговата екстрадиција”.

Слика од концертот на Роџер Вотерс во Берлин во 2018 година

Роџер Вотерс е познат по неговите ставови против американската политика, кои се дел и од иконографијата на неговите концерти. Тој беше еден од погласните уметници кој го искритикува обидот за воен пуч во Венецуела и застана во одбрана на венецуелскиот народ.