Нафтата повеќе не е највредниот ресурс на светот, туку податоците

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцискиот тим.


Нова стока создава профитабилна, брзорастечка индустрија, поттикнувајќи ги антимонополските регулатори да се вклучат, со цел да ги ограничат оние, кои го контролираат нејзиниот тек. Пред еден век, ресурсот во прашање беше нафтата. Сега, гигантите кои работат со податоци, нафтата на дигиталната ера, покренуваат слични грижи. Овие титани – Алфабет (мајка компанијата на Гугл), Амазон, Ејпл, Фејсбук и Мајкрософт – изгледаат несопирливо. Тие се петте највредни компании во светот. Нивните профити бележат енормен раст: во првата четвртина од 2017, тие заеднички стигнаа до профит од над 25 милијарди долари – нето. Амазон зазема половина од сите потрошени долари на интернет во Америка. Речиси целиот лански раст на приходите во дигиталното рекламирање во Америка, им припаѓа на Гугл и Фејсубк.

Таквата доминација поттикнува распаѓање на технолошките гиганти, налик на Стандард Оил во почетокот на XX век. Во минатото, овој весник се залагаше против такви драстични акции. Големината, сама по себе, не е криминал. Консумерите имаа корист од успехот на гигантите. Малкумина сакаат да живеат без пребарувачот на Гугл, доставите за еден ден на Амазон или новостите на Фејсбук. Овие компании не креваат врева при спроведувањето на стандардните антимоноплски тестови. Далеку од длабење на џебовите на консумерите, многу од нивните сервиси се бесплатни (корисниците ефективно плаќаат преку давање податоци). Земете ги предвид нивните „офлајн“ ривали, и нивниот удел на пазарот изгледа помалку загрижувачки. Појавата на нови компании, како Снепчет, покажува дека нови актери сè уште можат да го разбранат теренот.

Но, постои причина за грижа. Контролата врз податоците им дава огромна моќ на интернет компаниите. Старите начини на размислување за конкуренцијата, развиени во ерата на нафтата, изгледаат застарено во она што се нарекува „економија на податоци“ (погледни). Потребен е нов пристап.

Квантитетот има свој квалитет

Што е променето? Паметните телефони и интернетот создадоа изобилство од податоци, кои се сеприсутни и далеку повредни. Без разлика дали џогирате, гледате телевизија или сте заглавени во сообраќајот, секоја активност остава дигитална трага – повеќе сиров материјал за дестиларниците на податоци. Како што уредите, од часовници до автомобили, се поврзуваат со интернет, волуменот се зголемува: некои проценуваат дека самоуправувачките автомобили ќе генерираат 100 гигабајти во секунда. Во меѓувреме, техниките на вештачката интелигенција, како што е машинското учење, извлекуваат повеќе вредност од податоците. Алгоритмите можат да предвидат кога клиентот е подготвен да купи, кога на млазниот мотор му треба сервис или кога некоја личност има ризик од болест. Индустриските гиганти како Џенерал Електрик и Сименс сега се продаваат самите себе како компании за податоци.

Изобилството на податоци ја менува природата на конкуренцијата. Технолошките гиганти секогаш имале придобивки од ефектите на мрежата: колку повеќе корисници се регистрираат на Фејсбук, толку попримамливо станува регистрирањето за другите. Со податоците, се создаваат дополнителни ефекти на мрежата. Преку собирање повеќе податоци, компанијата има поголема можност да ги подобри своите производи, со што ќе привлече повеќе корисници, генерирајќи дури и повеќе податоци и така натаму. Колку повеќе податоци ќе собере Тесла од самоуправувачките автомобили, толку подобри ќе ги направи – дел од причината зошто компанијата, која продаде само 25 000 автомобили во првиот квартал, сега има поголема вредност од Џенерал Моторс, која продаде 2.3 милиони. На тој начин, големите бази на подтоци можат да играат улога на заштитни ровови.

Пристапот до податоци, исто така, ги штити компаниите од ривалите на друг начин. Оптимистичниот однос кон конкуренцијата во технолошката индустрија почива на потенцијалот актуелните да бидат фатени во ќор-сокак од некој стартап во гаража или неочекувана технолошка промена. Но, двете се помалку можни во ерата на податоците. Надзорните системи на гигантите се распространети низ целата економија: Гугл гледа што луѓето пребаруваат, Фејсбук што споделуваат, Амазон што купуваат. Тие поседуваат продавници за апликации и оперативни системи и им изнајмуваат компјутерска моќ на стартапите. Тие имаат „Божјо око“ врз активностите на нивниот пазар и повеќе. Можат да видат кога нов производ или услуга добива популарност, дозволувајќи им да го ископираат или едноставно да го купат стартапот пред да стане голема закана. Многумина сметаат дека купувањето на Ватсап, аплкацијата за пораки со помалку од 60 вработени, од страна на Фејсбук за 22 милијарди во 2014, спаѓа во оваа категорија на „shoot-out acquisitions“ со која се елиминираат потенцијалните ривали. Преку обезбедување бариери за влез и системи за рано предупредување, податоците можат да ја задушат конкуренцијата.

Кого ќе повикате, растурачи на монополи?

Природата на податоците ги прави антимонополските лекови на минатото помалку корисни. Растурањето на компании како Гугл во пет помали гуглчиња не може да ги спречи ефектите на мрежата од враќање на себе: со тек на време, една од нив ќе стане повторно доминантна. Потребно е радикално преобмислување – како контури на нов пристап се издвојуваат две идеи.

Според првата, антимонополските власти мораат да се придвижат од индустриската ера во XXI век. Кога се размислува за соединување на компании, на пример, традиционално се користи големината за да се одлучи дали да се интервенира. Сега, при проценување на ефектот од договорот, тие треба да ги земат предвид и податоците кои ги поседуваат компаниите. Цените за купување исто така можат да бидат сигнал дека актуелен предводник купува потенцијална закана. За овие мерки, волјата на Фејсбук да плати толку многу за Ватсап, која воопшто немаше приходи, би требало да биде алармантно. Растурачите на монополи мораат да имаат чувство за податоци при нивните анализи на динамиката на пазарот. На пример, преку користење симулации да се ловат алгоритми, коишто работат на кревање на цените, со цел да ја избркаат конкуренцијата, или да одлучат на кој начин најдобро можат да ја унапредат конкуренцијата (погледни).

Вториот принцип е да се олабави опфатот што давателите на интернет услуги го имаат врз податоците и да се даде повеќе контрола на оние кои ги доставуваат. Поголема транспарентност би помогнала: компаниите да можат да бидат присилени да откријат какви податоци имаат и колку пари зработуваат од истите. Владите можат да охрабрат појавување на нови услуги преку откривање повеќе податоци или преку раководење на суштински делови од економијата на податоци како јавна инфраструктура, како што прави Индија со нејзиниот систем за дигитален-идентитет, Аадхаар. Тие би можеле исто така да пропишат споделување на одреден тип на податоци во согласност со корисниците – приод кој Европа го користи за финансиските услуги преку барање од банките да ги направат податоците на корисниците достапни за трети страни.

Рестартирањето на антимонополите во ерата на информацитие нема да биде лесно. Ќе повелече нови ризици: на пример, повеќе споделување податоци може да ја загрози приватноста. Но, доколку владите не сакаат економијата на податоците да биде доминирана од неколку гиганти, ќе мораат наскоро да делуваат.

Извор: Economist