Молк околу новите бомби кои беа објавени вчера

Само неколку дена пред претседателските избори, на руската социјална мрежа „Вконтакти“, објавени се прислушувани разговори на поранешни и сегашни функционери, аналитичари и претставници на јавни фирми.

Еден од разговорите наводно е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и сегашниот шеф на полицијата Спасовски. Засега не е познат периодот во кој се воделе овие разговори, кои на руската мрежа ги објави корисник под името „Илија Громовник“. Овие разговори, кои се познати како „Бомби“ досега не се објавени во јавноста, а СЈО ќе проверува дали истите ги имаат во „колекцијата“ .

Се работи за четири телефонски повици кои се насловени како „Координација на Оливер и Гордана пред медиумите“, „Кочо и Саше го пљачкаат Елем, „Фрчко и Алберт Муслиум лажираат лустрација“, „И БЦ и Дамјан Манчевски со грчка фирма“. Во бомбите може да се слушне како поранешниот претседател Бранко Црвенковски разговара за грчки фирми со актуелниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Исто така, на разговорите се слуша Љубомир Фрчковски како влијае врз Комисијата за лустрација преку политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Сѐ уште ниту една од партиите не излезе со официјално соопштение околу новите бомби.