АктуелноЛокално

Левица: Единствено решение е работничко преземање на челичната индустрија!

Секторот Економија на политичката партија Левица излезе со остра реакција за новите квоти на челик воведени од Европската комисија. Од партијата велат дека квотите се „нуспојава на кризата во која навлегува капитализмот на глобално ниво, олицетворена во трговската криза помеѓу САД и Кина“ и дека единственото рационално решение за работниците е демократско управување на производството од страна на работничката класа и укинување на расипничките приходи кои нивните газди ги уживаат.

Нивната реакција Ви ја пренесуваме во целост.


Воведувањето на квотите за извоз на челик кон Европската Унија најмногу ќе го почуствуваат работниците во челичната индустрија. Компаниите, како што е Макстил, или ќе започнат да штедат или ќе бидат изедени од поголемите „риби“ на светскиот пазар. Но, во ниту еден случај, тие нема да се согласат да биде намален делот од колачот кој го присвојуваат. Напротив, расипништвото на капиталистичката класа ќе биде загрозено само откако сите нивни останати тактики бидат истрошени.

Напорите за остварување на просечната стапка на профит прво ќе го намалат квалитетот на производството, со набавување на поевтини и помалку квалитетни сировини за производствениот процес, потоа ќе ги намалат трошоците за заштита на животната средина, ќе посегнат по платите на вработените, ќе бараат прекувремена работа за иста плата, и дури на крај, доколку сите други средства се истоштени, ќе посегнат по приходите на газдите.

Ваквите квоти се нуспојава на кризата во која навлегува капитализмот на глобално ниво, олицетворена во трговската криза помеѓу САД и Кина. Штетите, повторно, ќе ги исплаќа работничката класа, било да е тоа преку намалување на платите, останување без работа, намалување на здравјето поради зголемено загадување на животната средина или користење на неквалитетни крајни производи поради намалениот квалитет на произведениот челик.

За работничката класа, единственото рационално решение во овој момент е комплетно преземање на производството на челик. Само преку демократско управување на производството од страна на работничката класа е можно да се укинат расипничките приходи кои нивните газди ги уживаат и да се ублажи ударот од новите квоти.

Воведувањето на квотите за извоз на челик кон Европската Унија најмногу ќе го почуствуваат работниците во челичната…

Публикувахте от Левица – Сектор Економија в Вторник, 22 януари 2019 г.