Граѓани започнаа петиција против најавите за тешка индустрија во Гази Баба
Група граѓани започнаа со петиција против најавеното издавање градежно земјиште под закуп за 99 години во општина Гази Баба од страна на градоначалникот Борис Георгиевски, со кое се дозволува изградба на индустриски капацитети со Г1 намена- поточно тешка и загадувачка индустрија. Пренесуваме дел од нивното соопштение, додека документите за собирање потписи можете да ги најдете на овој линк.
„Ние, граѓаните на Општина Гази Баба и Град Скопје, пред извесно време од социјалните медиуми и средствата за јавно информирање дознавме дека Општина Гази Баба, поточно Градоначалникот на Општина Гази Баба, донел Одлука за распишување на Јавен оглас за јавно наддавање за издавање под закуп за 99 години на градежно земјиште на КП 2349/1, КП 2377/1,КП 2378/1,КП 2379/1 за кое согласно Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17“ Блок 1, Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба “ бр. 3/2017) се дозволува изградба на индустриски капацитети со Г1 намена- поточно ТЕШКА И ЗАГАДУВАЧКА ИНДУСТРИЈА!
Оваа информација ја потврди и лично градоначалникот со јавно соопштение проследено и на официјалните Facebook страни на градоначалникот и општината. Откако ни се потврди ваквото сознание во целост, незадоволни сме од ваквото решение во наведениот ДУП, како и со Одлуката на Градоначалникот Борис Георгиевски да го реализира градењето на дополнителна тешка индустрија согласно изменетиот ДУП.
Имено, ноторен факт е дека на територијата на Општина Гази Баба постојат поголем број на индустриски капацитети меѓу кои и такви кои влегуваат во класификацијата Г1-ТЕШКА И ЗАГАДУВАЧКА ИНДУСТРИЈА! Исто така ноторен факт е дека воздухот, особено во населените места во непосредна близина на овие тешки загадувачки капацитети е енормно загаден преку целата година, а особено ова ескалира во зимските и ладни денови кога заради временските и географски услови е намалено струењето на воздухот. Непобитен факт е дека последиците од загадувањето од индустриските капацитети на територија Гази Баба, ги трпат и сите останати луѓе кои живеат на територија на Градот Скопје, особено граѓаните на Општина Аеродром и Општина Бутел.
Ние, граѓаните на Општина Гази Баба и Град Скопје со години наназад дишеме канцероген, над сите норми загаден воздух. Наместо централните и локалните власти да преземат драстични мерки за подобрување на животната средина и правото на чист воздух, се случува сосема спротивното.
Освен што досега нема транспарентно следење на квалитетот на амбиенталниот воздух на територијата на нашата општина (на пример речиси цела година мерната станица во Гази Баба не е исправна и не дава параметри за загадувањето на воздухот) и што нема редовна, вонредна, транспарентна и независна контрола на постоечките индустриски капацитети за тоа дали и колку истите загадуваат, сега со ваквиот Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17“ Блок 1, Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба “ бр. 3/2017) дополнително директно ќе се загрози нашето право на здравје и на чист воздух и животна средина, а со тоа и правото на живот и правото на здрава животна средина загарантирани со Уставот на Република Македонија и со ратификувани меѓународни документи кои се правно обврзувачки за властите во нашата земја.”