АктуелноЛокално

Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба (четврти дел)

Прв дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Втор дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Трет дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Четврти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба

Петти дел од серијал текстови на темата Поимите Здравје и Болест и нивната идеолошка злоупотреба


ДИСКУРЗИВНА ПОЗИЦИЈА НА ЛЕКАРОТ И ПАЦИЕНТОТ

И позицијата на лекарот во целата медицинска, да се послужиме со еден израз од Фуко, дискурзивна формација зависи од одговорот на ова основно прашање.

Доколку здравјето е чисто биолошка категорија, а здравствените искази се чисто емпириски ( а не вредносни), тогаш лекарот има легитимитет да формулира чисто дескриптивни судови. Со тоа што здравјето го определивме како функционалност на сите делови од еден организам и на организмот во целина, со тоа и себепроектот на пациентот се иззема од експертизата на лекарот.  Со други зборови, медицинското знаење му дава легитимитет да дава информации, а не прописи. „Ако продолжите со конзумирање на алкохол со ваква цироза на црниот дроб, речиси е извесно дека црниот дроб ќе ви откаже“ се разликува од „Не смееш повеќе да пиеш“. Во првиот случај, одлуката дали да се продолжи со автодеструктивниот животен стил е препуштена на поединецот – пациент. Можно е пациентот да доживеал некаква ненадоместлива загуба, на пример смрт на љубената личност, па таа свесно решила за на тој начин да го прекине својот живот, како еден вид „самоубивање на рати“ што, секако, е едно од највозвишените нешта што може човек да ги стори. Во вториот случај, лекарот ја презема (или можеби подобро кажано) узурпира оваа ингеренција и му наметнува одговор на егзистенцијалната дилема под авторитетот на медицината. Се разбира, во крајна инстанца, секогаш е поединецот пациент оној кој одлучува – не може лекарот да му стави жар на мевот да престане со пиење. Така, пациентот е оној кој на лекарот му го дава ова полномошно како претставник на медицината, како што православниот христијанин грижата за „душата“ му ја доверува на свештеникот како претставник на Бога. Но, битно е да се напомене дека оваа моќ за одлучување за животниот стил не му е инхерентна на медицинското знаење како такво, туку е своевидна идеолошка примеса. Како што подвлекува и Фуко, „лекарот речиси никогаш не е обична и заменлива личност. Лекарскиот збор не боже да биде искажан од секого, неговата вредност, ефикасност, неговата терапевтска моќ и, на еден општ начин, неговото постоење како медицински збор не може да се оддели од статусното дефинирање на личноста која има право да го искаже и со тоа има моќ да ги отстрани болката и смртта“[1]. Така, кога под концептот на „здрав живот“ лекарот станува проповедник на одреден животен стил и вредносна ориентација во даден живот, авторитетот како познавач на една природна наука незабележливо го пренесува на областа на вредносните ориентации, значи од премисите на теорискиот ум влече заклучоци за практичниот ум. А ако сме доволно чесни, мора да признаеме дека тој премин е неоснован, и тоа уште  кај зачетникот на овој начин на размислување, Кант[2]. Дека лебот и слатките ги зголемуваат триглицеридите, дека зголемените триглицериди го зголемувцаат ризикот од срцеви заболувања кај дадена категорија пациенти, па дека лебот и слатките го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања – тоа е валидно заклучување. Дека лебот и слатките го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, па дека поради тоа не треба да се јадат леб и слатки, туку зеленчуци и овошја, додатоци во исхрана, витамини, пешачење во природа, вежбање, физичка активност, читање списанија за здравје, купување на сето она што во тие списанија се рекламира –  тоа во логичка смисла нема никаква валидност. Медицината само дава премиси за практични силогизми за кои останатите премиси и заклучоците може да ги даде единствено самиот пациент.

Доколку се прифати субјективистичкото поимање на здравјето, лекарот станува давател на услуги, како што пациентот станува клиент. Поради важноста на услугата која ја нуди, лекарскиот позив станува доходовно занимање, а кога не е во расчекор со оваа прва и основна одредба – и хумано. Со оглед на корпорацискиот карактер на современиот капитализам, и лекарот станува вмрежен со претприемничките проекти на сродните бизнис сектори, во прв ред фармацевтскиот, па истовремено служат и како негови маркетинг агенти. Со еден збор, ваквото сфаќање на здравјето идеолошки го подготвува теренот здравјето да се впие во капиталистичката економија. Имено, во неа има поединец со потреби, чие задоволување содржи отелотворен труд, па како такво има своја вредност (во економска смисла на зборот) и цена (како паричен израз на таа вредност). Пациентот е потрошувач, а лекарот е професионалец, а лекарскиот позив – кариера. За свои пари потрошувачот е секогаш во право, па така и грижата за здравјето е препуштена на слободата на секој поединец, во согласност со неговата платежна моќ. Напротив, ако здравјето е состојба во стварноста, дел од природата во која владеат природни закони, тогаш пациентот е само инстанца на тие општи законитости, па оттаму неговата дијагноза и лекување се чисто стручни проблематики.  Секако, има нешта кои во поглед на своето здравје секој пациент треба да ги знае, налик некаква општа здравствена култура. Но, оваа наобразба не може да им се препушти на маркетинг секторите на фармацевтските корпорации, ниту на медиумите. Една ваква настава мора да ја вршат здравствени професионалци (независни од биснис плановите на приватниот сектор), и мора да се одвива во рамките на образовниот систем.

Да заклучиме. Доколку здравјето е состојба на организмот како дел од физичката стварност, тогаш лекарот е зналец за една природна наука (најодговорна и најважна од сите), а пациентот – предмет на таа наука. Доколку е здравјето субјективна потреба – тогаш лекарот е давател на услуги, а пациентот клиент. На првото сфаќање му одговара здравствен систем планиран и одржуван само врз стварните здравствени потреби на населението, независни од било каков приватен производствен сектор, и независно од доходовноста и дури економската самоодржливост. На сфаќањето дека здравјето е потрошувачка потреба му одговара – она што го имаме кај нас овде и сега.

[1] Мишел Фуко, Археологија на знаењето, Слово, Скопје 2010 стр. 67

[2] Види Шопенхауер, „За основата на моралот“, поглавје број 8, „За изведените форми на највисокиот принцип на кантовата етика“ во Артур Шопенхауер, Етика, Култура, 1998, Скопје, стр. 226 – 236