Здрава котлина со кривична пријава за министерот за економија

Соопштение на иницијативата „Здрава Котлина”.

ПОТПИШЕТЕ ЛИ ДОЗВОЛА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА РУДНИКОТ НА СМРТТА, СИ ПОТПИШУВАТЕ И КРИВИЧНА ПРИЈАВА КОЈА Е ПОДГОТВЕНА!

1. Според Законот за минерални суровини, дозвола за експлоатација може да се бара во рок од четири години од потпишувањето на договорот за експлоатација. Ако не се поднесе барање во тој рок, Владата е ДОЛЖНА да го раскине договорот за експлоатација.

2. Концесионерот Еуромакс Рисорсис поднел Барање за дозвола за експлоатација при крајот на истекот на рокот, но Барањето НЕ Е СО ЦЕЛОСНА ДОКУМЕНТАЦИЈА и во таква ситуација, согласно Законот, Министерот за економија е ДОЛЖЕН да донесе решение со кое го одбива Барањето.

3. Претходниот министер, Дритон Кучи, и сегашниот, Крешник Бектеши, спротивно на Законот за минерални суровнини не донеле, односно не носат, решение за одбивање на Барањето. Зошто е тоа така? Затоа што ако донесат такво решение, Еуромакс ќе треба да поднесе ново Барање за дозвола, а рокот за тоа е ПОМИНАТ. Дополнително, сегашниот министер Бектеши, не само што не носи решение за одбивање на барањето за дозвола, туку се токми да издаде дозвола за експлоатација. Доколку го направи целосно и ќе го исполни битието на кривичното дело “ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ”. Тоа е така, бидејќи делото е комплетно само тогаш кога со пречекорување или неизвршување на службената должност, државниот службеник (во случајов министерот), ќе прибави за себе или за друг некаква корист. Со евентуално издавањето на дозвола со пречекорување на должноста, министерот за економија, на Еуромакс ќе му прибави корист на Еуромакс во форма на право да ископува руда.

4. Од тие причини, ние уште сега му ја подготвивме оваа кривична пријава на министерот, за ситуација ако тој би издал дозвола за експлоатација. Истата нема сега да ја поднесеме, туку јавно ја објавуваме и ќе им ја испратиме на нивните адреси, за да знаат дека ако министерот издаде дозвола за експлоатација, кривичнава автоматски ќе ја поднесеме, а исто така и за да не можат да се правдат дека не знаеле дека прават кривично дело при издавањето на дозволата.

5. Исто така, имајќи предвид дека во сегашнава ситуација, кога е поминат рокот за поднесување на ново барање за експлоатација, Владата согласно Законот за минерални суровини е должна да го раскине Договорот за експлоатација, во случај на издавање на дозвола, кривичната пријава ќе ја прошириме и на сите надлежни членови на Владата, почнувајќи од премиерот, кој има можност да го разреши проблемот на правна основа, а не го прави тоа.

ЗАКЛУЧОК: Министерот за економија, согласно Законот за минерални суровини, е должен да го одбие Барањето за дозвола за експлоатација испратено од Еуромакс поради некомплетна документација на истото. Тоа не го прави затоа што рокот за поднесување на ново Барање за дозвола за експлоатација е истечен. Во ситуација на истечен рок, Владата согласно истиот закон е должна да го раскине Договорот за експлоатација. Во спротивно, ако се издаде дозвола за експлоатација, Министерот и членовите на Владата ќе направат кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување.”

Инаку, ова е само прва кривична пријава од која ќе почне да се одмотува клопчето. Во тек е разработка и на повеќе други, вклучително и за компанијата Еуромакс Рисорсис во Република Македонија и Канада, како и нотификации на регулаторите во САД за нивиот примарен инвеститор Royal Gold, Inc (NASDAQ: RGLD) како страна потписник на акт за преземање на концесијата.

ДОПОЛНИТЕЛНО ОБЈАСНУВАЊЕ: ПРИ РАСКИН НА ДОГОВОРОТ НЕМА ОСНОВА ЗА ОДГОВОРНОСТ НА ВЛАДАТА

Обвинувањата на Еуромакс дека Владата е виновна за тоа што роковите им се истечени затоа не им ги споила на време двете концесии, се неосновани.

Тоа е така затоа што поранешниот премиер Груевски на 18.01.2018 си даде оставка и беше формирана техничка влада. Таа влада беше надлежна само да подготви и спроведе избори. Десет дена подоцна, на 28.01.2018, Еуромакс поднесува Барање за спојување на концесиите. Имајќи предвид дека одлука за спојување на концесии носи Владата, а таа влада не беше техничка и немаше други надлежности освен да организира и спроведе избори, правно беше невозможно да се донесе одлука за спојување на двете концесии. Согласно тоа, Владата и државата немаат никаква вина и одговорност. Вина имаат правниците на Еуромакс, кои требало да знаат дека техничката влада не е надлежна да носи други одлуки освен оние поврзани со изборите и, наместо да чекаат спојување на концесиите, требало да си поднесат уредна документација за издавање дозвола за експолатација за првата концесија, како што од страна на Министерството за економија било побарано од нив да направат.

Недвосмислен е фактот дека Владата има законска основа да го раскине Договорот за експлоатација без да мора да плати ни денар оштета. Во спротивно, ако се издаде дозвола за експлоатација, ќе извршат кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување” и кривично ќе одговараат.

Потсетуваме дека и самиот премиер Заев изјави дека постојат најмалку 3-4 правни основи за раскинување на концесијата за рудникот на смртта Иловица-Штука, а ете, и по толку време, по толку протести и јавни аргументи во полза на затворањето, тој не го исполнува своето ветување дека рудник нема да има. Зошто?