Левица: Приватизацијата на итната медицинска помош е одраз на неспособноста на Владата

Соопштение на политичката партија „Левица”.

Пресмртната агонија на македонското здравство започна кога една претходна влада на СДСМ ја приватизира примарната здравствена заштита, и тоа за грст долари од меѓународните финансиски институции. Се чини, оваа влада на СДСМ е решена да го доврши она што самата таа одамна го започна, а ВМРО-ДПМНЕ го продолжи – целосен крах на здравствениот систем и нова ера во која здравствена заштита ќе имаат само оние кои финансиски ќе можат да си ја дозволат.

Како би можела да се оправда оваа мерка за приватизација на Итната медицинска помош? Ако како аргумент се нуди нефункционалноста на сегментот кој има намера да го приватизира, тогаш тој аргумент е смешен („јавното здравство во последните години покажало слаби резултати во менаџирањето во делот на Итната медицинска помош). Нема некаков пазар на „Брза помош“ па да се тврди дека конкуренцијата ја уништила државната. Со овој аргумент, Владата едноставно признава дека не е способна кадровски и организационо да го оспособи и унапреди овој сегмент на здравствената заштита. А ако не е способна, решение е да си даде оставка, а не да приватизира.

Впрочем, владеењето на СДСМ од осамостојувањето досега изобилува со примери во кои сопствената неспособност ја правда со наводни недостатоци на општествената сопственост како институција.

Друг можен аргумент сигурно би бил вообичаениот, дека државата „нема доволно пари“. За човек да живее во либерлен капитализам и да верува во него, мора да е способен за онаа орвеловска „двомисла“ – да чита за билионските профити на малкумина капиталисти и за гладот и епидемиите во неразвиените подрачја во светот без да почувствува некаква логичка некохерентност. Така и кај нас, некој да гледа како владини и собраниски функционери не доаѓаат на работа а примаат плата, патуваат кај ќе стасаат со прва класа, подигаат месечни патни трошоци доволни да се исплати рата од било која инвестиција во здравствената инфраструктура, и од друга страна да слуша како се немало доволно пари за здравството и на тоа потврдно да клима со главата – мора или да е орвеловски „испран мозок“, или пак да се прави дека е таков за лукративни цели.

Итната медицинска помош по дефиниција е сегментот од целиот систем на здравствена заштита во која начелото на хуманост најмногу доаѓа до израз. Којзнае, можеби токму затоа ѝ стана трн во окото на една ваква власт – беспоговорна слугинка на меѓународниот капитал.