Милијардерите се главните виновници за климатските промени

Како што светот се соочува со еколошки катастрофи од библиски размери, важно е да се потсетиме точно кој нè донесе тука.

Оваа недела, Обединетите нации објавија поразителен извештај. Кратката верзија гласи: имаме околу 12 години да направиме навистина нешто конкретно за да ги спречиме најлошите аспекти од климатските промени. Тоа значи, не да ги спречиме климатските промени – таа можност е веќе во минатото – туку да ги спречиме најлошите, најкатастрофалните сценарија. За да се направи ова, владите треба сериозно да пристапат кон силите кои го движат овој хаос. И најискрената проценка гласи дека вината што стигнавме до тука лежи во еден процент од населението.

Спротивно на многуте барања за да „не се чувствуваме виновни” и почесто да го користиме автобусот за да го спасиме светот, вашите индивидуални избори најверојатно многу малку придонесуваат за климата во светот. Вистинското влијание врз климата е лоцирано на индустриско ниво, бидејќи повеќе од 70 проценти од глобалните емисии доаѓаат од само 100 компании. Значи, вие како случајни потрошувачи, имате многу мало влијание врз ова. Луѓето кои постојано го активираат глобалниот термостат и се закануваат дека ќе потопат 20 отсто од светската популација, се милијардерите во одборите на овие компании.

Веројатно нема поединци кои имале поголемо токсично влијание врз јавните и политичките ставови поврзани со климатските промени од браќата Кох (сопственици на втората најголема приватна компанија во САД) и износот на средства и организации кои ги користат за таа цел е неверојатен (истражувачкиот новинар Џејн Мајер во книгата „Dark Money” во основа го објаснува ова).  Во својата книга Мајер пишува дека “Само корпорацијата „Кох Индустрис” рутински испушта околу 24 милиони тони јаглероден диоксид годишно во атмосферата”.

Но, обемот на нивното делување оди подалеку од само ширење несогласувања и скептицизам. Додека милијардерите и компаниите што ги водат поминаа години во инсистирања дека климатските промени или не постојат или се претерува за нив, токму тие се свесни за ситуацијата веќе долго време. На пример, коосновачот на “PayPal” Питер Тил, има донирано на Институтот „Seasteading”, чија цел беше да изгради пловечки градови за да се спречи зголемувањето на нивото на морето. Корпорацијата „Ексон Мобил” најверојатно знаеле за климатските промени уште во 1977 година, кога сè уште беше само „Ексон” и околу 11 години пред да почне да се зборува за климатските промени. Наместо да дејствуваат против климатските промени, тие започнаа децениска дезинформативна кампања. Според „Scientific American“, “Ексон” помогнал во создавањето на „Глобалната климатска коалиција”, коалиција која ги доведуваше во прашање научните основи за загриженоста во врска со климатските промени во периодот од крајот на 80-тите години до 2002 година и успешно работеше да ги спречи САД да го потпишат Протоколот од Кјото, потег што помогна  Индија и Кина, два други масивни извори на стакленички гас, да го избегнат потпишувањето.

Дури и кога републиканските пратеници пројавуваат искра волја да преземат нешто конкретно, тие експресивно се смачкани во намерите. Постојат бројни примери за ова, и еден од нив е објаснат во книгата „Dark Money” за случајот кога Линдзи Греам се обидува да  поддржи закон за лимитирање на испуштените стакленички гасови. Политичката група наречена Американски решенија (American solutions) веднаш започнува негативна ПР кампања против него и Греам се повлекува по само неколку дена. Оваа група највероватно беше поддржана од милијардери во индустријата за фосилно гориво и други индустрии, вклучувајќи го и магнатот со казина и миленикот на Трамп, Шелдон Аделсон.

Во последниве години, компаниите за фосилни горива агресивно градат имиџ дека се наоѓаат на иста страна со пошироката јавност. Само овој месец, „Ексон” вети донација од 1 милион долари во борбата за воведување данок на јаглерод, привремена мерка која предвидува надоместок од 40 долари по тон произведен јаглен и чиј износ се зголемува паралелно со зголемување на производството. На прв поглед, овој чекор може да изгледа прилично великодушно, но вистината е дека „Ексон” може да си дозволи да го плати тој данок. Не само што нафтената и гасната индустрија доживуваат вистински бум токму сега, туку и самите компании знаат дека единствените вистински решенија за климатските промени ќе ги повредат многу повеќе наспроти еден мал износ на данок.

Тоа во голема мера е предизвикано поради тоа што  “слободниот пазар” нема никаков мотив да спречи катастрофа. Од економско опкружување, каде што една компанија се смета за одржлива само ако постојано се шири и го зголемува своето производство, не може да се очекува самата да го стопира својот развој заради нешто тривијалнo како што е престоечката глобална катастрофа. Наспроти тоа, логиката на пазарот диктира дека наместо корпорацијата да преземе финансиска загуба што доаѓа од кратењето на профитот, поважно е да се најде начин да се заработат повеќе пари од „врелиот” океан. Ништо не го илустрира овој феномен подобро од зголемената индустрија за инвестиции во областа на климатски промени. Според Блумберг, инвеститорите се обидуваат да заработат пари буквално од сè, почнувајќи од производството за преработка на храна до хотели за луѓе кои бегаат од сè поголемите урагански области. Врвниот инвестициски стратег на  корпорацијатата „ЈП Морган Асет” дури советувал клиенти дека зголемувањето на нивото на морето е толку неизбежно што нуди многу можности за инвестирање во изградба на морски ѕидови.

Дури и денес, после буквално изминати децении на радикални либертаријански милијардери кои шират неверување за климатските промени и скептицизам кон владата, тројца од пет Американци веруваат дека климатските промени влијаат врз нивната локална заедница. Тој број е уште поголем на крајбрежните региони. Дури и администрацијата на Трамп сега признава дека климатските промени се реални, но нивниот одговор на тоа е бледо прифаќање и непреземање никакви мерки. Ако популарната поддршка навистина имаше влијание врз јавните политики, ќе беа преземени порешителни активности од владата на САД уште пред неколку години. Но, интересите на индустријата за фосилни горива се премногу добро заштитени со планините од готовина кои лесно се претвораат во лобисти, републиканци и демократи-поборници на индустријата и  ширење дезинформациска пропаганда. За нив, остатокот од светот можe да ја продолжи својата агонија.

Текстот е преведен од www.gq.com/story/billionaires-climate-change.