Промоција на „Избрани песни“ од кинескиот поет Сӯ Шѝ’, преведена од д-р Игор Радев

Промоција на книгата „Избрани песни“ од класичниот кинески поет Сӯ Шѝ’, приреден од д-р Игор Радев на 6-ти април 2023 година, 19:19 часот, во Салон 19:19 во Културно информативниот центар – Скопје.

Книгата ќе ја промовира професор Владимир Мартиновски. Стихови ќе читаат Игор Радев и Ма Јуен на оргинал кинески јазик.

 Во овој избор се објавени околу 150 песни, а во обемниот предговор Радев дава детална анализа на поезијата на Сӯ Шѝ’, но и на општите естетски особености, посебно на формите на класичната кинеска поезија, како и на културната, општествената и историската средина, во која творел поетот.

 Сӯ Шѝ’ (1037 – 1101), познат и како Сӯ То̄нг По̄ е најпрочуениот поет од ерата на династијата Со̀нг (960-1279). Тој претставува живо олицетворение на конфуцијанскиот идеал на сестрано култивирана личност, зашто Сӯ Шѝ’ освен по поезијата, подеднакво е прочуен и по својата сликарска уметност, калиграфијата, есеистиката, политичката дејност, па и по научните иследувања. Славен уште за време на животот, по смртта неговата слава само нараснувала. Многу места низ Кина го чуваат споменот за него. Името му се памети како на еден од најистакнатите поети во историјата. И не само во Кина. Тој е попу­ла­рен поет и во Кореја и Јапонија.

 Игор Радев е филолог, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик. Магистрирал општа и применета лингвистика и е доктор по кинеска филологија. Д-р Игор Радев има богат опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик. Тој е автор на првиот превод на дело од старокинески на македонски јазик (Книга за Патот и неговата Крепост од Лао Це, 2012), а автор е и на над дваесетина книги од областа на кинеската философија и литература, лингвистиката, како и на научни статии во земјата и во странство. Се истакнува како еден од пионерите на синологијата во нашата држава.

Во синолошките кругови во светот го сметаат за врвен синолог и е еден од водечките синолози во Југоисточна Европа. Добитник на државната „Кинеска награда за исклучителен придонес во литературата“ (2021), највисокото признание во Н.Р. Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин, како и на наградата 13 Ноември на град Скопје (2022) за особен придонес во областа на публицистиката. Учествувал на бројни научни собири во земјата и во странство. Види помалку

https://fb.me/e/VpdPIOtG