Во Аеродром се сечеше после полноќ, граѓаните најавија протест

Градежниот процес започна пред објектот „Мајчин Дом“. Вчера околу полноќ на фејсбук страната „Сакаме Аеродром да дише” беше објавено видео од механизацијата како работи на објектот, додека граѓаните спијат. Односно, градоначалникот на општина Аеродром очигледно ги презеде жестоко критикуваните практики на претходната владејачка гарнитура кои во три часот после полноќ сечеа дрва во придружба на полиција.

Оваа постапка ги налути жителите на општината Аеродром на кои им беше ветено на последните локални избори дека ќе се запре со понатамошни градежни дејствија и токму поради ова за денес најавија протест со почеток во 17 часот. Ова не е изолиран случај, туку е еден од многуте девијации на Златко Марин од неговите предизборни ветувања.

На парцелата ќе се гради деветокатница; градба што жителите на општината веќе ја нарекуваат „еколошка катастрофа“ токму поради екстремно слабиот квалитет и слабото струење на воздухот низ Аеродром во поладните месеци. Ова беше и една од главните точки во предизборната кампања на Марин. Програма што тој ја прекрши неколку пати, овластувајќи ги градбите од новиот ДУП со негов потпис. Чест одговор од општината за поплаките кои се јавуваат при секоја нова изградба е дека договорите за градба биле веќе потпишани; проблем на кој Златко Марин сам даде решение во вид на плаќање обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење. Решение кое општината сеуште го нема спроведено.

Општината активно соработува со Уставниот суд, каде што се доставени сите потребни документи во однос на ДУП И 10, за кој се поднесени повеќе претставки. Уставниот суд до денес нема донесено никаква одлука за овој предмет, ниту го има ставено во мирување ниту го има поништено ДУП И 10“, соопштија од Општината.

Но, покрај очекуваните прекршени изборни ветувања, битно е да се праша: Како жителите да го спречат овој процес со кој се очигледно незадоволни? Досега имало неколку видови на „отпор“ кај граѓаните, меѓу кој најчестиот е објавување слики во одредени еколошки групи и изразување незадоволство. Друг, исто така импотентен начин, е лепење на плакати со итри досетки наменети за моменталниот градоначалник на Аеродром.

Кога се дозна дека ќе се гради деветокатница на парцелата пред „Мајчин Дом“, во март оваа година се одржа „протест“ во вид на after-work забава и играње фудбал. Точно седум месеци подоцна, се докажа дека овие видови на мирни, безопасни револти не прават ништо што ќе ја смени лошата, корумпирана одлука на власта.

Време е за вистински револт.

Револт ослободен од било каква партиска вмешаност. Бидејќи со ова се докажа дека ни претходната, ни оваа власт ги немаат интересите на народот на ум, туку само интересот за акумулирање профит.