Марксистичкото учење

Карл Маркс е германски филозоф од XIX-тиот век кој дава критика на сета дотогашна општествена историја, односно критика на поимање на општествената состојба (политичко-економска) и културата како последица на историјата. Може да се каже дека Марксовото учење за суштината на човекот и неговата заедница е тесно врзано со процесот на општествено-производната дејност на чија цел е да се создаваат производи што ќе ги задоволуваат човековите потреби.

Подолу ќе биде изложен неговиот поглед на светот преку тоа што ќе биде претставен во три категории, издвоени  како темел на неговата филозофија и кои воедно се поврзани во една целина и истите се неисклучиви меѓу себе, а тоа се: учењето за општеството, класната теорија и алиенацијата (отуѓувањето).

  • Учењето за општеството

При анализа на општеството, Маркс ги надминал тогашните постоечки и доминантни статички гледања на општеството, како и идеалистичките објаснувања на општествените настани. Во таа смисла, тој конструира една теорија дека општеството се движи напред врз основа на одредени противречности што постојат во негови рамки. Имено, во оваа насока тој своето учење не го нарекол социолошко, туку историски материјализам. Марксизмот како учење за општеството и негово организирање е сосема нов поглед на истото, пред се’ поради своите еконономски анализи за разните општествени појави. Во сообразност со неговата класна теорија, Маркс на општеството гледа како последица од борбата помеѓу, од една страна владеаните (безимотните, робовите, селаните) и од друга страна владеачите (имотните, аристократите). Општествената теорија на Маркс, односно социјалистичката (марксистичка) политичка теорија е втемелена во неговите дела, како и во делата на Фридрих Енгелс, кој му бил верен пријател, соработник и соборец. Исто така оваа теорија покасно е развиена, особено од практичен аспект, од Владимир Илич Ленин. Тој на чело на Болшевичката партија, на почетокот на 20-тиот век, марксистичкото учење го спроведе во практика, а од 1917 година после извршување на Oктомвриската револуција во тогашна кралска Русија, Ленин го предводел реорганизирањето на претходно феудалното општеството во социјалистичко, воспоставувајќи власт во облик на Сојуз на Советските Социјалистички Републики.

Во марксистичкото учење за општеството нема место за, како што Маркс ги нарекува, болестите на капиталистичкото општество, како национализмот, хиерархијата, приватната сопственост, религијата, патријархатот и слично. Најважно од овие категории е приватната сопственост. Маркс заговара општествена (државна) сопственост (на материјалите за производство – машини, земја, фабрики, енергетски извори и слично) при организирање на материјалното производство што му е потребно на човекот. Односно, тоа би значело дека луѓето во едно општество заеднички треба да работат за да произведат нешто, како и произведеното треба да го делат на еднакви делови. Оттаму познатата комунистичка максима: „Секој според можностите, а секому според потребите.

Преминувањето на општеството од капитализам во социјализам, Маркс смета дека единствено е можно само по револуционерен пат, преку организирањето на работничаката класа во една комунистичка партија. Маркс идното општество  го замислува бескласно и како свет без граници, и во таа насока, тој во Комунистичкиот манифест на работниците им се обраќа: „Работници од целиот свет, обединете се!“.

  • Класна теорија

Во делото на Маркс и Енгелс, Комунистичкиот манифест, историјата е определена како историја на класни борби. Тука Маркс и Енгелс укажуваат на сета досегашна историја на општеството, како историја каде во судир се појавуваат определени класи во исто општество. Ова сфаќање е темелно за класната теорија на општеството. Имено, Маркс определува различни спротивставени класи во различни општество, што може да се види од следниов цитат од Манифестот на комунистичката партија:

„Во поранешните епохи на општеството ние наоѓаме речиси насекаде целосна поделба на општеството на различни сталежи, цела скала од различни општествени положби. Во стариот Рим среќаваме патриции, витези, плебејци, робови; во Средниот век — феудални господари, вазали, еснафски мајстори, калфи, зависни селани (крепосници), a одозгора на тоа речиси во секоја од тие класи пак посебни степени.

Современото буржоаско општество, кое изникна од пропаста на феудалното општество, не ги укина класните спротивности; на местото на старите тоа постави само нови класи, нови услови на угнетување, нови форми на борба.

Но нашата епоха, епохата на буржоазијата, ce одликува со тоа што ги упрости класните спротивности. Целото општество cè повеќе и повеќе ce цепи на два големи непријателски табора, на две големи класи што стојат непосредно една наспроти друга — на буржоазија и пролетаријат.

Како што може да се забележи од последниот пасус на цитатот, денешното капиталистичко општество спротивставени се двете класи – капиталистите и работниците. Нивниот судир е определен како класна борба, и таа борба би требало да се заврши со победа на работничката класа која ќе овозможи скок на општеството во бескласно општество наречено комунизам.

Класите во марксизмот се определени според имотната состојба, како единствено релевантна за општеството. Што значи, тие примарните услови за постоење на општеството не ги гледааат во некои идејни фактори како религијата, духот и слично, туку Маркс и неговиот верен пријател Енгелс примарните услови за постоење на општеството ги гледале во материјалните фактори кои секојдневно го произведуваат светот, односно прават материјална подлога за текот на историјата. Ова е методот на објаснување на општествените промени кој се нарекува дијалектички материјализам. „Првиот историски акт е… производството на самиот материјален живот“. Маркс продолжува, велејќи дека – ова е навистина историски акт, фундаментален услов за историјата. Маркс уште забележува дека класната спротивставеност, односно антагонизмот помеѓу класите, во капиталистичкото општество е најистакнат и најостар од сите негови форми на судир во претходните епохи на историјата, што пак тоа неминовно води кон најголем конфликт во класната историја на општествата.

Сумирано, класната теорија на Маркс е теорија преку која се објаснуваат сите општествени појави, од религијата, преку нацијата па се’ до културно уметничките творби на едно засебно општество. Дури и појавата на државата, Маркс ја гледа како последица на постоењето на класите, односно во модерната нејзина појава ја определува како чувар на буржоаскиот капиталистички поредок, а како непријател на работничката класа, па затоа во неговиот иден свет таа би требало да одумре.

  • Алиенација

Алиенацијата во нејзинот буквален превод значи отуѓување. Кај Маркс таа е определена, пред се’, како состојба на човекот каде производите на неговиот труд, а преку тоа и есенцијата на неговото постоење, му станале нешто туѓо, односно тој (човекот) повеќе нив не ги познава. Освен тоа, Маркс ова отуѓување не го определува само како отуѓување од природата, туку и како отуѓување на човекот од сопствената креација.

Значи, можат да се определат два вида на алиенација. Едната е алиенација на човекот од природата, која Маркс на некој начин ја гледа како предодредена, како неизбежна во развитокот и текот на историјата, и другата алиенација како отуѓување кое е последица на капиталистичкиот систем на производство и интерперсонален однос диктиран од истиот. Оваа алиенација предизвикана од капитализмот подоцна се враќа како основен потпор на самиот капиталистички систем, односно алиенацијата е клучна за опстојување на ваквиот економски систем. Кога луѓето се отуѓени, тие се чувствуваат безмоќни, изолирани и го чувствуваат општествениот свет како бесмислен. Тие гледаат на општествените институции дека се надвор од нивна контрола и ги сметаат за угнетувачки. Тие добиваат илузија дека тоа се дадени појави кои не можат да се изменат или уништат.

Алиенацијата на работникот во економска смисла ја изразува на начин на кој работникот работејки за надница, се оддалечува од неговиот производ како последица на приватната сопственост и профитерско организирано производство. Работникот се отуѓува од својот производ, покрај тоа што го произведува, тој во најголем дел нема право и можност истиот да го присвои или пак користи за сопствени цели.

За Карл Маркс, сите главни и постоечки сфери на општеството – религија, држава, нација и слично – се обележје и доказ за високиот степен на алиенација на современото општество.