Апасиев кон Џафери: Пoчитуван северномакедонски спикер, како што ве вика Макрон, зошто лица како каубојци шетаат низ Собранието?

Пред усвојувањето на дневниот ред за седницата на Собранието на која се расправа за францускиот предлог, пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев како процедурална забелешка постави прашање: Зошто има вооружени лица во Собранието, дали се заради ширење страв меѓу пратениците? Потоа мал вербален инцидент се случи меѓу пратеникот Борислав Крмов и спикерот Талат Џафери.

„Видов лица кои во Собранието на Република Македонија носат пиштоли, не знам кои се тие, можеби се момци од плоштадот ‘Скендербег’? Овде се шири страв меѓу пратениците. Тие лица не носат сакоа и не личат на службено обезбедување. Од друга страна според Правилникот за одржување на редот во Собранието, тука не може да влегуваат вооружени лица. Барам одговор од вас, претседателе на Собранието, од вашите служби, кои се тие лица”, праша Димитар Апасиев од Левица, како процедурална забелешка.

Претходно Џафери не му дозволи процедурален збор на пратеникот од Левица Борислав Крмов, кој потоа бурно реагираше доближен до претседателот Џафери. 

Крмов одбиваше да замине на своето пратеничко место, a Џафери повеќе пати го повикуваше да се тргне од говорницата.

Потоа, сепак Џафери му даде збор на Крмов.

Борислав Крмов реагираше дека Џафери не е цар во Собранието за да одлучува кому ќе даде, а кому не збор и така да бидам бркан од говорница.

„Јас не сум член на пратеничка група, но за мене гласале 8 илјади гласачи и имам право на збор во Собранието. Народот ми го дава правото да говорам во Собранието. Мора тоа да го разберете. Што да направам за да зборувам, па имам и имунитет. Што да направам за да добијам збор? Да му удрам некому бокс? Мене никој не смее да ме допре, тоа да го знаете”, реагираше Крмов на претходната намера на Џафери да повика и обезбедување за да биде тргнат од говорницата

Џафери на тоа реагираше дека никој никому не се заканувал, но дека најпрво треба да се добие збор по пријавување во системот.