Хакерски напад на сајтот на РесПублика

Последните неколку часови, порталот на РесПублика е комплетно недостапен. Од извори во порталот дознаваме дека станува збор за хакерски напад кој доаѓа од засега непознати извори.

За хакерскиот напад на својот ФБ профил реагираше и Димитар Апасиев, член на Президиумот на Левица. Според него, сомнително e што повторно има напад на портал на кои се објавуваат негови колумни. Денес, таму излезе неговата нова колумна (линкот е до друг сајт, кој што ја има преземено колумната) за референдумот, а Апасиев се сомнева дека нападот може да е во насока на затишување на луѓето кои јавно пропагираат бојкот за референдумот.

РесПублика е портал кој што генерално објавува постручни текстови од т.н. блогери, кои ја обработуваат реалполитичката ситуација во Македонија. Во врска со референдумот, порталот останува објективен, објавувајќи бројни колумни за и против референдумот, за и против НАТО итн.

Повеќе информации за случајот очекуваме до крајот на денешниот ден.