Го Сакам Водно: Кога институциите остануваат глуви, кога правната држава не функционира, живиот штит е единствената и последна опција оставена во рацете на граѓанинот

„Вчера продолжија градежните активности за изградба на гасоводот преку Водно. На диво би рекле,
зошто се работи без почитување на цела листа на прописи, законски обврски, почнувајќи од
– немање ознаки,
– немање обележан заштитен појас околу градежните работи,
– нема знак за предупредување дека работи тешка машинерија,
– нема документација на терен,
– работниците се без адекватна униформа и заштитна облека,
– нема мобилни тоалети,
– возилата се без ознаки,
– нема соодветен надзор,
– нема обезбедено постојано присуство на противпожарно возило,
– нема полнење бензин на строго определени места кои се водонепропусни,
– се отстрануваат грмушки во период кога не смеат, пред 30 септември,
– нема мерки за да се спречат истекувањата на масла, гориво и лубриканти од механизацијата,
– нема …..
– нема строго и прецизно мониторирање од страна на Министерството за животна средина и
просторно планирање (МЖСПП), како што тоа изјави заменик министерот Јани Макрадули на прес
конференцијата минатата недела,
– се работи на изменета траса, не на проектираната траса и за степенот на измена треба да се
утврди дали е во законските рамки на постоечкото одобрение за градење, кое пак самото содржи
низа нерегуларности.
За сите овие пропусти, поднесени се претставки до разни инспекторати, од Државен инспекторат
за животна средина, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен инспекторат за
труд, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Инспекторат на Град Скопје и до МЖСПП. Но,
како што гледате, без резултат. На диво се гради, инспекција не постапува, но затоа пак прописите
за кревање на рампата на Средно Водно за да се пропуштат телевизиските екипи да снимаат на
лице место, веднаш се ставаат во сила од страна на Град Скопје и не се дозволува, зошто се нема
уредно добиено одобрение од Град Скопје. Иако ситуацијата е вонредна.
За заканите по живот и наредбата да се гази сè пред себе, очекуваме отстранување на тоа лице од
понатамошна работа на овој проект, покренување на дисциплинска постапка и транспарентно
објавување на целиот процес, да не остане само на декларативно искажани зборови, без
преземени акции.
Ова е воедно и одговор на прашањето зошто жив ѕид. Токму поради овие двојни аршини, каде
институциите се повикуваат на прописи, законски обврски само кога така ќе решат од ним познати
причини, инаку, истите како да не постојат.
Сите неправилности кои ние ги предочивме, се игнорираат, како да не постојат. Ниту еден
механизам кој институциите, државата ги има на располагање не е покренат. Проектот наместо да
претрпи сериозна ревизија, се тера на сила, на диво. Кога институциите остануваат глуви, што
преостанува освен жив штит?
Оваа власт, според сето она што го ветуваше пред избори, требаше да биде токму таа која
самоиницијативно ќе бараше измена на овој проект, како што тоа впрочем вицепремиерот
Анѓушев изјави деновиве, го прави со проектите наследени од претходната власт кои не се
доволно технички издржани и поради тоа не ги спроведуваат. Но овој решија да го тераат и бранат
по секоја цена и покрај сè. Зошто? Зошто ова е договорна држава, а не правна.

Бараме дебата со директорот на МЕР, градоначалникот на Скопје и заменик министерот на
МЖСПП, каде јавно ќе ги изнесеме нашите аргументи, да се прекине со разговорите во четири очи
и позади затворени врати. Бараме ревизија на проектот, бараме постапување на институциите по
доставените претставки, нива меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и неделување,
бараме одговорноста за сите наведени пропусти и прекршени законски обврски, казнивост. Нулта
толеранција за изигрување на законот и нерегуларно спроведување на целата постапка.“ – изјавуваат за медиумите од иницијативата Го Сакам Водно

Денес граѓански активисти се повторно на Водно и планираат да продолжат да го кочат уништувањето со жив штит. Заинтересираните граѓани можат да се приклучат на фб страната на иницијативата Го Сакам Водно.