Став

Криза на социјалдемократскиот режим

Да не се лажеме – 11 годишниот конзервативен демократски режим на ДПМНЕ не беше срушен со работничко, туку со граѓанско движење. Незадоволството на работничката класа од сопствената економска положба го започна протестното движење, но тоа набрзо се разви во борба за „правда“, „слобода“, „демократија“ и сл. празни флоскули, за кои работничките и работниците само беа инструментализирани (како што неретко се случува во историјата – погледни ја француската буржујска револуција).

Работничката класа, која што не успеа силно да ги артикулира своите позиции, ниту пак да се запраша за кого ќе биде таа „правда“, „слобода“ и „демократија“ – за нив или за нивните газди, се нафати на граѓанската реторика, како што претходно се нафаќаше на конзервативната реторика, воспоставувајќи го новиот социјалдемократски режим во Македонија. Но, после година и пол од оние избори кога режимот беше „срушен со пенкало“, ситуацијата во републиката не е воопшто подобрена.

Како последен показател на она што сите добро го знаеме, колку и да се труди СДСМ да ни покаже дека мед и млеко тече од кога тие дојдоа на власт, е најновиот „нон пејпер“ во кој неколку земји членки на ЕУ го кочат процесот на отпочнување на преговорите на Македонија и Албанија со Унијата.

„За ПЈРМ, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е ‘тукушто започната’ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава). Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“, пишува меѓу другото во негативната препорака.

Изненадување: социјалдемократскиот проект не е успешен! Сето она што „револуцијата“ го ветуваше, не го исполни. Ниту „правда“, ниту „слобода“, ниту „демократија“ донесе „рефoрмираната“ СДСМ. Тоа што ЕУ не може или не сака да го види е поврзаноста помеѓу економската положба на работничката класа (таа што ја изнесе на улица) и надструктурната организација на општеството. Во Македонија, таа останува непроменета, па кога економски е потиснато мнозинството од населението, очекувано е тие да не бидат активен дел од политичкиот живот и за нив да нема правда, да нема демократија, да нема слобода и сл.

Но, социјалдемократијата не може да го реши овој проблем и никаде до сега го нема решено. Не се европските држави економски развиени (на сметка на што имаат постабилни работнички класи) поради социјалдемократијата, туку поради тоа што се империјалистички и живеат на грбот на други држави. И во нив демократијата, правдата и слободата се на ниско ниво од истите причини – и кај нив работничката класа ги зема трошките што капиталистите ќе им ги фрлат и економски им се потчинети. Тоа што европските држави (не сите) се побогати од Македонија и, следствено на тоа, европските работници се подобро ситуирани од македонските работници, носи до мала квантитативна разлика во степенот на спроведување на овие вредности. Македонија, како земја на периферијата на капитализмот, не може да стане империјалистичка земја, туку само продолжена рака на империјализмот (а ако сме навистина левичари, како што Заев сака себе си да се нарекува, не би требало ни да стремиме да бидеме), па следува дека таа тешко би ги достигнала и овие ниски стандарди на тие вредности кои СДСМ ги ветуваше, а ЕУ ги бара за отпочнување на преговорите.

Единствено радикална прераспределба на материјалните добра би довела до некаква промена во оваа сфера на надструктурно организирање, но, што е уште поважно, до слобода на работничката класа. Таква прераспределба, пак, единствено може да произлезе од колективно поседство на средствата за производство од страна на работниците. Процесот да се постигне нешто вакво не е воопшто едноставен. Напротив, тој бара солидаризирање на работниците, поставување на јасна политичка цел, организирање и, можеби најважно од се, соодветно разбирање и планирање на производствениот процес, за конечно да се стигне до праведен и демократски државен апарат кој стреми да се самонадмине.

Јован Крајевски