Само две години условна казна за Ивона Талевска

Ивона Талевска, уредничката на Сител телевизија, е осудена на две години условна казна за случајот Тифани. Според одлуката на судот, Талевска нема да помине две години во затвор доколку во наредните четири години не стори ново кривично дело. Причината за ваквата „алтернативна“ казна според судијката Софија Лаличиќ е доброто поведение и фактот што Талевска признала даночно затајување. Таа, во рок од еден месец, ќе треба да плати казна со висина од 1000 евра.

„Обвинетата постапувала спротивно и на одредбите од Законот за данокот на додадена вредност со тоа што во пријавите за ДДВ на правните лица го користела правото на одбивка на претходниот данок на набавени добра и примени услуги кои не биле користени за целите на стопанската дејност на правните лица. Така, во двете правни лица обвинетата одбивала претходен данок за набавени апарати за домаќинство, мебел, теписи, постелини, садови, прибор за јадење, велосипеди, облека, чевли, накит, козметички средства, прозорци и влезна врата, опрема за бања, како и компјутери, фотоапарати, мобилни телефони, односно за набавени добра и примени услуги кои не биле користени за целите на стопанската дејност на друштвата. Со предложените докази ќе докажеме дека обвинетата Ивона Талевска на ваков начин за даночните години од 2008 до 2014 неосновано одбила претходен данок во правните лица СМАРТ ГРУП и СМАРТ ЦЕНТАР за набавените добра и примените услуги во вкупна вредност од 16.187.313 денари со што истите одбегнале да платат данок на додадена вредност во износ од 1.382.108 денари. Наведените правни лица одбегнале да платат даночни обврски во вкупен износ од 2.184.677,00 денари, пари кои требало да влезат како приход во Буџетот на државата”, рече денес во воведниот говор обвинителката на СЈО, Јосифовска.

Крајното лицемерие на судството продолжува. Луѓе лежат затвор за украдена храна, деца за поседување на мало количество на марихуана. Но, очигледно, Талевска нема направено доволно голем прекршок, како што е крадење на ќебапи за да преживее, па согласно со тоа, поминува само со условна казна. И што стана со „парите да ги вратите“? Зарем со 1000 евра ќе се подмири штетата што Талевска ја направила на државата? Бидејќи ова е доволно неправеден случај, да се потсетиме како идеше старата добра „нема правда, нема мир“?