За што работиме?

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Речиси секој сака да биде физички и ментално активен на некаков општествено корисен начин. Желбата да се биде корисен не исчезнува кога човек ќе дојде до одредена возраст.

Сепак, мнозинството работници едвај го чекаат нивното пензионирање – дури и кога има многу години до истото.

Оваа вистинска, постојана контрадикција се должи на фактот што работната активност во капитализмот е угнетувачка и експлоатирачка. Сакаме да придонесуваме, ама принудени сме да работиме (и принудени сме да работиме на начини коишто најверојатно не би ги избрале доколку ни е дозволено да избираме).

Нашите далечни предци преживеале затоа што соработувале – при собирањето храна, ловот, одбраната од предатори итн. Способноста да работиме заедно е основата на сите последователни достигнувања на човековата раса. Иако никој го нема докажано тоа, најверојатно имаме инстинкт за продуктивна соработка во нашите гени.

Но дури и да немаме, илјадниците години општествена историја го имаат направено ова дел од културолошката средина на сите: учеството во општественото производство е она поради кое се чувствуваме дека сме и поради кое сме дел од општеството.

Но другата страна на трудот во секое класно општество е дека е експлоатиран и ова му станува доминантно обележје. За робовите или закрепостените селани, очигледно е дека се присилени да работат за нивните експлоататори: секој којшто ќе се обиде да одбие да работи веднаш е подложен на физичко насилство. Но исто така и за повеќето луѓе во капиталистичкото општество, нивната работа е нешто непријатно коешто им е наметнато, како на пример, од потребата да јадат.

Капитализмот додава нови аспекти во оваа експлоатација. Владејачката класа сега индиректно ги експлоатира произведувачите. Работите кои ги произведуваме може да изгледаат како јаглен, компјутери, моркови, но тоа не е нивната општествена функција. За разлика од робовладетелите или феудалните господари, капиталистите не ги консумираат продуктите направени од нивните сопствени работници; тие ја остваруваат експлоатацијата продавајќи ги тие продукти, претворајќи ги во пари.

Парите се она со кое се врши принуда во капитализмот, она коешто биле камшикот или стапот за експлоататорите пред капитализмот. Поради тоа што на нас, работниците, ни фалат пари, мораме да се продаваме уште една недела. Поради тоа што тие имаат пари, капиталистите можат да не експлоатираат повторно. Парите кои ги користат да не експлоатираат оваа недела е профитот кој сме го направиле за нив минатата недела.

Ова значи дека производството, нашата активност како социјални суштества, не е само претворено во експлоатација. Притоа, ние исто така ги произведуваме средствата за нашата непрекината експлоатација. Ние сме слични на робови на кои им е наредено да произведуваат камшици. Нашите животи се поделени на две работи: работа којашто му припаѓа на шефот и којашто не угнетува, и слободно време кое е вреднувано само поради тоа што не е работа, не е нашата вистинска човечка активност. Како што Маркс рекол: ,,… работникот може да се почувствува себеси само кога не работи; кога работи, не може.”

Логично е работниците да бараат да се намали нашата експлоатација преку намалување на времето кога сме принудени да работиме за капиталистите, вклучувајќи и со пензионирање кога сѐ уште има живот во нас. Но работата може да стане нешто што навистина не исполнува, бидејќи може да биде потполно човечка, кога нема да има веќе експлоататори да ја извртуваат.

Превела: Габриела Андреевска

Извор: Red Flag