Моќта на организираните работници – 28 часовна работна недела за германците

Германија периодов послужи како силен пример за тоа колкава е всушност моќта на работникот. Работникот е двигател на општеството, субјект што со својот труд ја создава вредноста. Без работникот нема компании, нема продукти, нема вредност. Доколку се земе и фактот колку повеќе работници има од газди, очигледно е дека единственото нешто што на работникот му недостасува, за да излезе од својата потчинета позиција под неговиот газда, е добра организираност. И токму тоа, во одредена мера, се случи во Германија.

Синдикалната организација IG Metall постигна договор со работодавното тело Südwestmetlall во Германија после штрајк на 1,5 милиони работници. Работниците добија зголемување на платите од 4,35% и 28 часовна работна недела, што е неверојатна победа и величенствен пример за успешноста на овие работнички штрајкови.

Секако, важно е да се напомене дека, како и зголемувањето на минималните плати, и ова е само привремено решение за работниците. Присутен останува нивниот главен проблем: газдата кој ги експлоатира. Работниците, и во овој случај, остануваат потчинети под него. Додека го има него, тој ќе бара начини да прави профит, а тоа, во ваквата нова ситуација, би значела поскапување на продуктите што се произведуваат. Истото, со тек на времето, би се одразило со постепено поскапување на животниот стандард, по што повишувањата на платите повторно не би биле доволни и тие работници би биле принудени да бараат дупли смени на работа (како што е случајот и денес со 40 часовната недела: многумина се приморани да работат и втора работа). Додека компаниите не бидат преземени од самите работници, решенијата секогаш ќе се привремени, бидејќи таква е цикличната природа на капиталистичкиот систем во кој живееме.

Огромна победа е извојувана од страна на германските работници и одличен пример е поставен за другите работници. Потребно е сите да се организираме и да се бориме за поголеми работнички права, но и да не заборавиме дека крајното работничко право е самите, заеднички, да ги поседуваме средствата за призводство.