Десничарска се чума зададе, там доле Свети Николе

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Свети Николе никогаш во својата плуралистичка историја не било толку десничарски водено како сега за време на „социјалдемократската“ локална власт. Очигледно е дека со ваквото катастрофално владеење и ретките случаи да победи некогаш оваа „лева“ опција се минимизираат на скоро невозможно, но тоа си е нивна вина. Ваквото флагрантно кршење на работничките права на вработените во сите единици на локалната самоуправа не се забележани ниту во времето на најголемото самоволие на претходниот режим.

Претходната власт го користеше методот договор на определено време за да ги уценуваат вработените, но со доаѓањето на новата гарнитура не само што се продолжува со ова пракса, туку отпуштаат и си поставуваат свои несоодветни кадри на постоечките работни места. Наместо ветеното укинување на привилегијата на работодавецот за договор на определено време и наместо решение за вработување од новата власт – го гледаме сосема спротивното.

Моменталните локални моќници се заборавија кои беа и со кого беа пред само некој месец. Сега градоначалникот, претседателот на СДСМ ОО Свети Николе и комисијата за вработување при СДСМ ОО Свети Николе хараат со реваншистички решенија кои да не беа трагични ќе беа смешни. Секој друг сегмент од животот во Свети Николе не е променет ниту милиметар, нема никакви економски мерки ниту било какви други, сè е исто како и од претходната власт, единственото нешто што е различно е бркање од работа и поставување на работа на други луѓе.

Со самото доаѓање на власт прво што направија е експресна смена на директорите во сите локални претпријатија, што е и очекувано, меѓутоа во брзањето да отпуштат што повеќе луѓе  за да си вработат свои направија огромни кршења на работничките права на веќе вработените. Да е уште потрагично, вршат и притисок над сите отпуштени за да се откажат од барањето на своите права преку суд. Вработени со по 5, 6 години работа по договор на определено време се отпуштаат за да си вработат свои, дури и ги намалуваат критериумите за вработување на огласите за да можат да си стават своите кадри. Дознавме дека една директорка во образованието (можеби единствен случај таков до сега во Македонија) по само еден месец од назначувањето на градоначалникот е разрешена од истиот, бидејќи не сакала да потпише незаконски решенија за отпуштање на вработени затоа што училишниот совет имал сосема други решенија. После тоа се поставуваат директори во образованието слепи послушници на градоначалникот кои без проблем би прифатиле наредба за потпишување отказни решенија наспроти едногласните одлуки на училишните совети. Многу слично е и во другите институции.

Ќе го следиме случаите на неколку отпуштени работници од скоро 200 откази каде најбезкрупулозно се прегазени работничките права и во понатамошниот период ќе излеземе со документација и податоци за овие случаи.

 

Авторот на овој текст сакаше да остане анонимен