Синдикатите и бизнисмените согласни за планот на антиработничките мерки на владата

Синдикатите некогаш имаа голема улога во заштитa и унапредување на работничките права, но таа улога во модерниот капитализам со неолиберални карактеристики е оневозможена. Така синдикатите со време се претворија во небаре политички партии и почесто во нивните документи се забележуваат декларации отколку конкретни мерки за подобрување на позициите на работничката класа.

Но, ова не е крајниот стадиум на девалвирањето на синдикалната борба како таква. Во новото време на „мерки на штедење“ (austerity programs) тие се претворија во еден вид адвокати на бизнис заедницата. Имено, за проблемот со ПИОМ, односно за разлгедувањето на решение за негов спас од тотален колапс, ССМ комплетно се согласува со забелешката на бизнис заедницата дека „РАБОТОДАВЦИТЕ НЕ СЕ согласуваат за зголемување на стапката на придонес за пензиско осигурување бидејќи тоа е спротивно на економската логика“. Но затоа тука се синдикатите, кои се согласни дека е потребно постепено зголемување на старосната граница за одење во пензија?!

При изнаоѓање на решенија со ликвидноста на институциите, а и генерално со финаниските кризи, се почесто се искористува можноста истите да бидат врз грбот на работниците, наместо преку даночење на имотните кои го поседуваат поголемиот дел од добрата и услугите.

Уште еднаш се покажува дека работниците залудно полагаат надеж во синдикатите. Нивната борба не само што е лимитирана туку таа во овие услови на финансика криза на системот дури и поддржуваат анти работнички мерки. Синдикатите, покрај тоа што се бирократизирани и корумпирани, тие се и неспособни да ги организираат работниците како политичка класа која ќе се избори за свои претставници во парламентот од каде што единствено се можни темелни реформи во корист на работниците. Сега работниците, во голема мера по вина на синдикатите, се неартикулирана, неидентификувана, дезорганизирана, распарчена, би рекле маса, која не е во состојба да ги артикулира своите интереси, за да може тоа да се изрази на еден организиран начин. Конечно, работниците треба да изградат политичка преспектива преку партиско делување за свои представници во највисокото законодавно дело на државата парламентот.