Активизам или револуција?: Дешифрирање на модерните форми на активизам

Тука во САД (и во северните земји генерално), не постои доволно јасно диференцирање кога се зборува за активизам и револуционерна активност. Всушност, едното често се меша со другото. Оваа појава претставува дел од нашите пост-модерни услови каде секоја акција, без разлика колку мала, сама по себе претставува револуционерен чин, преку едноставно отфрлање на доминантните културни наративи или преку непартиципирање во креирањето политики, на пример. Животните стилови, како веганизам, етички консумеризам, поддржување на „fair trade“ концептот или едноставно отфрлање на политиката генерално, постанаа замена за политичките позиции во многу левичарски кругови. Негацијата на тој начин се транформира во позитивна афирмација во која самиот вербален чин на одбивање, или непартиципирање, или повлекување/отстапување се доживува како суштински револуционерен чин. Дополнително, она што е од значење е вклученоста на поединецот во микро-заедницата, неговите убедувања и вредности, неговата надворешна појава во општеството и неговите индивидуални активности. Воопшто не се нагласува неопходноста за политичка и индивидуална трансформација која ќе се прелее во поголемо, колективно делување и борба за генерална еманципација. Со ова не се занемарува придонесот на помалите колективи кои вршат значајна општествена улога преку обезбедување лична помош, зајакнување и поддршка на мрежите на маргинализираните заедници, туку се укажува на тоа дека сите овие микро-заедници или животни стилови изолирани и неповрзани во широка, еманципаторна борба не се револуционерни, туку напротив, истите се сепаратистички. И не само тоа, туку како деполитизирани и индивидуални феномени тие никогаш не можат да бидат револуционерни, туку само да претставуваат израз на ситнобуржујски индивидуализам во кој силно се втемелени компромисирачки тенденции или кон буржујското општество, или кон генерална апатија или кон цинизам за колективна борба и политики.

Се разбира, оваа појава на откажување или одвојување од политичкиот живот и борба, до повлекување во рамките на самоизолирани заедници, ја отсликува трансформацијата на буржујската демократија во северните земји од традиционални социјалдемократски модели на наводна инклузивна партиципација во општества со „нисок интензитет“ на демократија на неолиберализмот. Самото поимање на активизмот е изменето преку пренагласеноста на микро-борбите и општото повлекување од партиципаторните канали за демократско изразување (при што Државата буквално и прилично физички е деконструирана). Претходно, за активист се поимал поединец кој претрпел политичка трансофрмација, дали преку долга борба или преку „настан на откровение“ (како младите луѓе кои се радикализираа кога ги видоа на телевизија масовните убиства во Виетнам), а потоа се претопија во потокот на масовни движења и учествуваа во класната борба за остварување одредени политички цели. Сега активизмот претставува отфрлање на политичката трансформација, затоа што самиот по себе претставува отфрлање на политизација на нештата, самиот тој претставува анти-политички чин.

Секој кој присуствувал на некој собир, протест или митинг во последниве децении, сигурно бил сведок на следново: луѓе кои стојат наоколу држејќи пароли со нејасни слогани без политичка содржина, неколку мрзеливи скандирања напразно извикани и неколку подигнати тупаници додека луѓето маршираат, или уште полошо, присутни кои тивко стојат и слушаат некој полумртов академик како зборува за проблемот на денот. Посекако, откако сето ова е кажано и направено, можеме да се ослободиме од нашето чувство на вина, бидејќи ние направивме нешто, ние делувавме (после сè, било какво делување е подобро од никакво делување, нели?) и тоа нас нè прави подобри од оние кои не направија ништо и се игноранти кон нашата кауза. Но, тоа е проблемот. Активистите толку многу постанаа задоволни со правењето „нешто“, што тие заборавија да застанат и да се преиспитаат „зошто“ и „како“ го прават „нештото“. Одговорот на тоа прашање, кое беше поставено од активистите кои нас ни претходеа, води кон универзализација на борбата, ослободена од сепаратизам и насочена кон политичка трансоформација. Тоа води кон класна борба. И зошто води таму? Заради колективната концептуализација на твојата борба, неопходно е истата и да се води и да се извојува во релација со сите останати борби. Ова признание претставува анатема за сепаратизмот, апатијата, цинизмот и идентитетските политики. Тоа доведува до општа теоризација за поврзување на навидум, различните микро-борби и препознавање на нивната улога во сеопштата колективна борба, која во нашиот капиталистички свет е класната борба.

За разлика од активизмот, револуционерната активност нужно бара политизација, таа бара револуционеризирање на индивидуата. За повеќето студенти силно задоени со ситнобуржујска идеологија, идејата за неопходност од трансформација и инкорпорирање на сопствените борби и колективните борби во една поширока борба, претставува крик на опресивна тотализација и маргинализација. Меѓутоа, без оглед на тоа што во целост отфрлањето на сите тоталитети самото по себе претставува тотализација, поимањето дека поединечната борба мора да завземе подредена улога, или да биде отфрлена, во однос на некое друго прашање, претставува погрешно толкување, како и имплицитното привилегирање на сопствената борба во однос на другите борби. Револуционерната борба, за разлика од активистичката борба, претставува процес на тотализација, затоа што ги соединува борбите на сите угнетени народи, меѓусебно поврзани и копирани преку директно искуство. Ова не претставува негативна појава, како што постмодерниот страв од тотализација сака да нè убеди, туку е позитивно. Позитивно, затоа што масовните револуцонерни (а не активистички) движења доведоа до ослободување на стотици милиони луѓе историски (револуциите во Русија и Кина ослободија над 600 милиони луѓе, во двете земји, од јаремот на капитализмот, полуфеудализмот и империјализмот). Но, што успеа да создаде активизмот? Микро-борби кои доведоа до постепени реформски мерки за максимално подобрување на состојбата на една угнетена група, додека друга угнетена група е игнорирана, сè додека и таа група не создаде микро-борба со цел да ја подобри својата угнетена положба (затоа што би било угнетувачки или тотализирачки поврзувањето на овие две групи чии членови на едната опресирана група не припаѓаат директно на другата група или заедница.).

Во мојата организација, како и во безброј други, постои контрадикција помеѓу активистичката позиција и револуционерната позиција. Или поточно, помеѓу позицијата која се стреми кон деполитизирана и климава групација која не прави ништо повеќе од организирање протести за било кој повод и позицијата на оние кои целат кон сопствено политизирање и политизирање на масите и маршираат напред кон организирање и градење на колективно ослободување. Оваа активистичка позиција мора да биде победена, а оние кои ја поддржуваат мора да бидат придобиени од револуционерната позиција и да бидат убедени во нужноста од нејзината примена. Додека активизмот се претставува како најреволуционерен тренд, со тоа што ги офрла политизацијата и заедничката борба во замена за микро-борби, личен развој на индивидуата и деполитизирани простори, тој неминовно и во целост е анти-револуционерен. Не само заради тоа што се спротиставува на револуционерната позиција елаборирана претходно, туку и поради тоа што активизмот не може да води кон ослободување од угнетувањето на кое се стреми да стави крај со методите кои ги користи. Додека активистичката левица во Западна Европа и Северна Америка продолжува да бдее и да бара анти-политички решенија за политички проблеми, револуционерите во Индија, Турција, Авганистан и Филипините се обидуваат да го нападнат небото, да ја освојат државната власт и да ослободат милиони од синџирите на капитализмот, империјализмот, патријархалното угнетување и полуфеудалните услови. Тие се револуционери, а не активисти.

Мора да се бориме со фактот дека нашиот сопствен пристап создаде само неколку изолирани, очигледни победи кои придонесоја само за подобрување на нашите постоечки услови и ништо повеќе од тоа. Ние ја отфрливме политиката во корист на цинизмот и апатијата, ние ги дискредитиравме партиите и организацијата во корист на неединството и толку обожаваната децентрализација, ние недвосмислено ја привилегиравме нашата сопствена борба над борбата на другите и ние го направивме сето ова додека Државата и капитализмот го продолжува нападот врз нас. Ние доброволно ја растуривме нашата сопствена моќ, нашата сопствена одбрана, пред лицето на неолибералната офанзива и тоа го нарековме ослободување. Ние погрешивме, активизмот беше погрешен и се докажа дека тоа е еден ќорсокак. Многу од денешните активисти нема да можат лесно да го признаат ова, но самокритиката и политичката трансформација на индивидуата во корист на масите претставува политичка неопходност. Време е да излеземе од нашите комфор зони, да излеземе од нашиот херметички затворен безопасен простор, да излеземе од самонаметнатото идеолошко и политичко прогонство и конечно да се вклучиме во класната борба и да почнеме да му служиме на народот. Време е да се интегрираме со масите и да ги отфрлиме ситно-буржујските илузии на сепаратизам, апатија и цинизам. Време е да покажеме дека не прифаќаме ништо помалку од целосна еманципација и уништување на старото општество преку демонстрирање на нашата колективна моќ. Што е најважно, време е да постанеме револуционерни во служба на угнетуваните народи, да постанеме повеќе од обичен активист кој само држи празни пароли, да доживееме политичка трансформација преку која ќе се бориме за ослободување. Поради ова викам „Долу за активизмот“ и „Напред за револуцијата“.

Преземено од: Хамптон Институт и Неопходност и Слобода

Преведено од: Јована Мојсоска

Тука можете да го прочитате албанскиот превод.