Протести низ Југославија поради убиството на африканскиот револуционер Лумумба од страна на белгиските колонизатори

Веста за убиството на премиерот на африканската држава Конго, Патрис Лумумба оставила многу моќен впечаток во тогашната југословенска јавност.

Премиерот на Конго, Патрис Лумумба

Ликвидацијата на тој 14 февруари 1961 година била доживеана како уште едно понижување на европските колонизатори и нивните паравојски кои ги финансираат ширум Африка, а со цел непречено да ги експлоатираат нивните природни богатства.

Тогашната полиција, наречена „Народна милиција“, морала да употреби коњаница, водени топови и солзавец за да го спречи гневот што преовладувал кај граѓаните кога избувнале насилни демонстрации поради настаните во далечната Африка.

Во судирите биле повредени 45 полицајци и пожарникари, од кои 25 биле задржани на лекување во здравствените установи. Меѓу нив, 17 биле тешко повредени. На доктор се јавиле 35 граѓани, а одреден број биле приведени поради инцидентот.

Сѐ почнало навидум мирно: граѓаните тој ден после работа не отишле во своите домови, туку тоа попладне почнале да се собираат на плоштадите во главниот град.

Својот револт сакале да го изразат работниците во компаниите, службениците од државните институции, студентите и друга младина. Тие спонтано го кренале својот глас против невиденото насилство во Конго и атентатот на Лумумба, кој веќе се здобил со одредена популарност на глобално ниво.

Реки од граѓани најпрво се слевале на тогашниот белградски плоштад Маркс и Енгелс, опремени со транспаренти со кои се изразува огорченост поради бруталните постапки на белгиските колонизатори во Конго за кои се тврдело дека го организирале атентатот.

Плоштадот бил претесен за да собере толку многу луѓе, а според некои проценки ги имало околу 150.000. Покрај многуте говорници, голем ентузијазам предизвика и говорот на студентот од африканската земја Того, Даку Тете.

Протестот започнал по средбите што се одржале во работни колективи, факултети и училишта. Народните власти морале да преземат превентивни мерки за да спречат напади врз одредени дипломатски претставништва. Посебно била загрозена белгиската амбасада.

Две улици, меѓу кои се наоѓало белгиското дипломатско претставништво, уште од изутрината биле блокирани од возила на Милицијата, а преминот за граѓаните бил оневозможен. По околните улици имало резервни групи од припадници на јавната безбедност и коњанички одред.

Полицијата едвај успеала да ги потисне демонстрантите, а на првиот удар на масата демонстранти интервенирала и противпожарната милиција. Повеќето од демонстрантите биле студенти.

„Африка на Африканците!“, можело најчесто да се чуе од огорчената толпа. Цел час демонстрантите биле пред амбасадата, а и покрај енергичниот ангажман на милицајците, сепак успеале да го пробијат кордонот на обезбедувањето, додека дел од нив дури и успеал да дотрча во зградата на амбасадата. Во тој момент стигнало засилување во редовите на милицијата, а потоа интервенирла и коњаницата.

Група демонстратори која го пробила кордонот, поставила слика од Патрис Лумумба со натпис:

Слава на борецот за слобода и мир на африканските народи.“

Прозорците на белгијската амбасада биле искршени, а оние кои влегле во зградата, почнале да го фрлаат мебелот низ прозорците. Народната милиција, во знак на предупредување испукала неколку истрели од пиштол. Подоцна се шпекулирало дека инциденти од оваа големина немало да се случат доколку некои од членовите на белгиската амбасада не се појавувале на прозорците од време на време.

На крајот бил запален и еден автомобил на амбасадата. По тричасовните демонстрации, ситуацијата е расчистена. Потоа, пред студентските домови се собрале повеќе илјади студенти кои го слушале обраќањето на колегите од африканските земји.

Еден друг млад Тогоанец кој во тоа време студирал во Белград, извесен Чарлс Буабе, извикал:

Сакаме да ѝ покажеме на светската јавност дека сите африкански студенти кои се собраа овде изразуваат поддршка за Патрис Лумумба, бидејќи тој беше единствениот достоен да го води народот на Конго. Империјалистите мора да го напуштат Конго.

На овој собир својот глас на протест го изразија и академици од Судан и Алжир. Еден судански студент извикал:

Ако убија еден Лумумба, нека не заборават дека милиони и милиони Лумумба живеат во Африка и дека со неговата смрт не можат да го спречат движењето на африканските народи кон нивната цел.