Интернетот како средство за производство

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Во економија каде што работникот, наместо со своите раце, создава со својот ум и вештините кои ментално ги развивал, интернетот, кој обично се гледа како средство за дистрибуција и комуникација, е воедно и дел од средствата за производство. Сепак, интернетот е хаотична – и во очите на мнозинството – виртуелна конструкција која не диктира, не условува и не идеологизира, туку се препушта на неговите корисници за да биде користена на севозможни начини и со најразлични цели. На крајот на денот, тој е само средство, алатка која може да биде искористена.

Во последната деценија, на интернет се појавува и внатрешен економски аспект – имено, за одредени услуги се наплаќаат пари. Ова може да се толкува како отворен интернационален пазар, но тука има неколку клучни работи кои треба да се потенцираат.

Прво, предметот на размена преку интернет мора да е интелектуален и нефизички производ кој може да биде и од уметничка природа. Примери за вакви производи се услугите за изработка на веб страници, пишување на текстови, преводи, графичко дизајнирање, средување на податоци кои во реалната физичка економија би се превеле како хонорарни работи – сработување на одредена задача за одреден паричен надомест. Сепак, на интернет денес може да се најде и нешто што во реалната физичка економија би се превело како вработување, купување на нечие време со широко определена но не точно предодредена активност во купената временска рамка – виртуелен асистент, менаџер на страна, едитор на музика, администратор и слично. Во секој случај, крајниот производ е од интелектуално потекло но истиот има финансиска вредност.

Второ, овој производ може да биде создаден исклучиво преку моќта на интернетот како средство за комуникација и производство. Ниту една, ниту хонорарна ниту времена финансиска активност не може да биде комплетирана без да се има на располагање огромната количина на информации на интернет. Ако завршената активност не зависи целосно од лична вештина, туку за нејзино завршување се потребни дополнителни информации, интернетот се јавува како средство кое овозможува тие информации да помогнат во создавање на производот. Доколку активноста може да биде завршена, а производот создаден без да биде споделен, едноставно постоејќи на нечиј приватен компјутер, тој воопшто не влегува во пазарот – без интернет тој ниту можел да биде порачан, ниту испорачан и не е релевантен за пазарот.

Трето, производот ретко ја напушта виртуелната сфера, освен ако не е прикажан (во одредени случаи печатен, проектиран итн.). Како таков, тој е создаден од оној интелектуален капитал што го поседува авторот, платен со финансискиот капитал кој го има купувачот, а неговото целосно дејство е ограничено во рамките на интернетот. Така, небитно е дали се работи за текст, код, слика или било кој друг производ, сите тие имаат два можни краја – да се наменети за задоволување на потребите на приватни лица или на компании кои што потоа можат да ги употребат производите за создавање на уште поголем финансиски капитал.

Со овие три постулати на ум, веќе можеме да создадеме слика на пазарната природа на интернетот, но поради неговата широка намена, воедно и како средство за производство на пазар кој што и самиот е. Активни групи на отворениот пазар се првенствено работниците, таканаречените “фриленсери” кои ги изработуваат производите, потоа приватните лица, кои ги порачуваат производите за свои потреби и компаниите кои ги порачуваат производите за експанзија на сопствениот капитал. Сепак, оваа поставеност самата диктира и одредени инхерентни особини за поставеноста на овој систем. Бидејќи пазарот е базиран на побарувачка, тежина на задачата и професионалност, цените често се ниски до возможните граници, создавајќи расчекор помеѓу вложеното време и исплатената сума. Така овој систем наметнува модерна, анархо-капиталистичка идеологија. Ако ги погледнеме сајтовите како freelancer.com и upwork.com, лесно се согледува праксата која постои – оние кои добиле проекти, добиваат експоненцијално повеќе нови проекти, а оние коишто не добиле ништо, независно од нивната цена на изработка, интелектуална способност, итност и други параметри, не се земаат предвид. Сепак, тука има уште еден аспект – времето. Оние со максимално искористено работно време (онолку колку што се спремни да посветат) веќе ги нема на пријавите за проекти и се ослободуваат места за оние на кои што не им е исполнето времето. Така, во вечна експанзија, се создаваат нови “работни места” за сите оние кои би сакале да работат на интернет.

Сепак, што би рекол нашиот народ, тука нешто чкрипи. Материјалните околности на работниците често се до толку различни, дури и спротивставени, што значителен дел од работниците самите си ставаат цена на својата работа која им наметнува продолжување на социјалното статус кво во кое се наоѓаат, која не им нуди никакво подобрување во финансиската состојба, притоа максимално окупирајќи им го времето. Сите оние кои поминале барем еден час по интернет страни за фриленс имаат видено колку малку чини трудот во земји како Индија, Пакистан, Сомалија и слично. Често, поради овие исклучително ниски цени, работодавците се јавуваат како експлоататор кој ја злоупотребува положбата на работниците со туркање на цените сè подолу и подолу, сè до моментот кога тие веќе не ги задоволуваат потребите и очекувањата на работниците, кои мораат да се откажат од работата. Како пример би ги зел пишувачите на текстови – на интернет лесно може да се најдат работници кои за помалку од еден долар би напишале текст од 500 зборови кој задоволува средно-високи стандарди на работодавецот. Често, за текст од 500 зборови, доколку темата е непозната (во огромно мнозинство од случаите е непозната) потребни се два- три часа истражување, редактирање и друга работа за задоволување на стандардите. Ресурсите кои влегуваат во подготовка на производот се едноставно неисплатливи, а времето кое е посветено на ова може да биде пренасочено кон нормално-платена работа. Покрај ниската и неисплатлива финансиска корист, некои работодавци, онаму каде што не се заштитени од правилата на веб страните, воопшто не им плаќаат на своите работници со изговор дека “тоа ќе изгледа многу добро на нивното резиме како почетници”. Сепак, многу работодавци во потрага по најниска ценана трудот, со задоволство се јавуваат како експлоататори, што по дефиниција и се.

Доколку интернетот по ова се гледа како средство за производство за сопствениот пазар, покрај неговата инхерентно капиталистичка особина, мора да се преиспита и неговата анархична тенденција. Имено, тенденцијата на потполна нерегулираност на активностите кои се дел од процесот на размена или – во најдобар случај – нивно врамување во рамките на дозволеното, од страна на администраторите на веб страницата, на која се случува трансакцијата. Бидејќи трансакциите се базираат на вложениот труд и завршената работа, ова носи ризик работниците да бидат целосно оставени сами на себе при евентуално неправедно однесување од страна на работодавците. Не постојат интернет синдикати, работнички совети и слично, што работникот го става во подредена позиција во однос на онаа група што сега веќе можеме да ја наречеме ситна буржоазија – работодавците.

Тоа води кон прашањето – кој е овде крупната буржоазија? Кога трансакциите се одвиваат непосредно помеѓу работник и работодавец, таа не е присутна и од неа нема зависност, но кога трансакциите се одвиваат во рамки на веб страница наменета за работа на интернет, сопственикот на самата веб страница ја презема улогата на крупна буржоазија со тоа што им наплаќа на работодавците процент од секоја исплата, а на работниците процент од секој приход. Така, веб сајтот, со минимален влог, добива максимален профит исклучиво преку “оданочување” на сите свои корисници, а за возврат им овозможува одредени контролни механизми кои се носители на улогата чувари на правдата.

Што е крајниот резултат? Експлоатирани работници, концентрација на финансискиот капитал, максимална прекаризација на пазарот на трудот, минимална регулација на наемните односи и непотребно оданочување. Затоа, доколку сте еден/една од оние кои работат на интернет, кои си го вадат лебот со чесен труд, не дозволувајте да бидете експлоатирани! Барајте зголемена регулација и намалено оданочување од веб страниците што ги користите или извадете ги трансакциите надвор од нив и нивниот уценувачки “фидбек” систем и префрлете ги на други сајтови со силна регулација и заштита на вашите права. Вашиот код, текст, дизајн или кој било друг производ е предмет на размена и со интернетот како средство за производство на ваша страна, вие решавате колку ќе го цените својот труд!

Давид Стефаноски

Член на Младинска организација “Мугра”


Преземено од Мугра