Ацо Караманов: Ние сме безбројни

На 31.01.1927 година во Радовиш, како најстаро дете во семејството на Васил и Софија Караманови, роден е големиот македонски револуционер и поет, Александар (Ацо) Караманов. Караманов како дете се вклучува во партизанското движење и активно учествува во растурање летоци меѓу народот.

На 17 годишна возраст се приклучува на Тринаесеттата македонска бригада. На 7 октомври 1944 година кај селото Смојмирово, Беровско младиот Караманов е начекан во заседа од германските фашисти и бил тешко ранет, а потоа бил ѕверски избоден со бајонети.

На денот кога загинува го напишал и последниот стих „Ние и кога умираме, треба да пееме“.


НИЕ СМЕ БЕЗБРОЈНИ

Безбројни сме ние и во нас
металниот повик на бурата ѕвони
со бодрост, со младост и со вера
обземани сме ние, деца војноборни.

Со раце надежни и железни гради
во кои виорот на бурата пее
со жарот на нашите срца млади
чекаме борбата да зататни.

Нашата борба ќе биде моќна
громовно таа ќе збори
за се што нашите срца кријат
за се што во нас гори.

Од нашите раце ќе запее трудот наш
ќе биде тоа песна низ времиња носена
во најмачни беди задоена, одгалена
во таа пламена, лута борба родена.

И кога ќе заблеска бесниот ураган
и куршумите кога ќе загрмат клето
нашата љубов кон оваа земја
ќе им ја кажеме на сите во светот.