(не)демократијата и нејзините (не)последици

Американската Сојузна Комисија за Комуникации (FCC), која брои 5 поставени (неизбрани) членови, на 14 декември 2017, изгласа да ја укине „Интернет Неутралноста“.

Интернет Неутралност (Net Neutrality) е правило кое de jure важеше од 2015 со одлука на истата таа комисија за време на владеењето на Барак Обама (и со негова препорака) иако de facto постои од самиот почеток на интернетот. Овој принцип вели дека секој интернет сообраќај треба да се третира подеднакво. Пример за ова е блокадата на американската телекомуникациска корпорација „Комкаст“ (Comcast) врз P2P (peer-to-peer) протоколите кои оневозможија користење програми како „БитТорент“ (BitTorrent) програмот за симнување и префрлање на фајлови. Оваа блокада беше забранета со одлука на комисијата и пред да постои официјално правилото за Интернет Неутралност. Исто така ова им оневозможува на интернет провајдерите (ISP) да наплаќаат дополнително за одредени сајтови и да блокираат одредени сајтови преку нивната услуга.

Критиките кон ваквата одлука беа разноврсни. Ова би значело дополнително фаворизирање на големите компании наспроти малите и непрофитабилните организации бидејќи тие ќе можат полесно да си дозволат да плаќаат за нивните сајтови да се отвараат побрзо. Освен оваа индиректна штета, кон просечните корисници би имало и директна бидејќи тие ќе треба да платат дополнително за одредени сајтови или групи од сајтови. На пример, сега би можело да се наплаќа дополнително за користење на социјални мрежи, дополнително за академски сајтови, дополнително за сатови со забавна содржина, за гејминг (gaming) сајтови итн. Потенцијално најстрашно од сè е што компаниите би можеле да блокираат сајтови со чија политика не се согласуваат, како на пример сајтови на кои има содржина која е за Интернет Неутралност, против конкретната компанија, против постоењето на толку големи компании итн. Ова пред сè би ги погодило сајтовите на тие групи кои се борат за било каква угнетена страна на населението, од очигледни причини.

Но не беа само разноврсни критиките, туку и многубројни. Според последните анкети околу 83% од популацијата на САД се против ваквата одлука. Оваа бројка е огромна реткост на политички консензус помеѓу различните идеологии во САД. Пршањата по кои американците од сите различни групи и верувања вака силно се имаат обединето во минатото се бројат на прстите од раката. Освен крајната непопуларност на одлуката имаше и голема политичка инволвираност во процесот од страна на луѓето. За време на кампањата против одлуката да се укине Интернет Неутралноста направени се над 1 200 000 повици кон избрани и неизбрани членови на власта и собрани се над 2 милиони потписи за петицијата против ваквата постапка, што е исто така реткост за америчката политика.

Звучи многу лошо, ама зошто треба на нас, во Македонија, да ни е гајле? Најмногу поради политчката послушност на домашните политички елити кон западот и ефектот врз нашите услуги поради глобалниот пазар.

За првото, очигледна е политиката на владите во Р. Македонија да гледаат кон западот, и јавно да го претставуваат, како некој идеал што треба да го достигнеме. Затоа често се слуша и меѓу луѓето „на запад не е вака“ или слични фрази. Ако ваквото непочитување на вољата на обичниот човек, цензура на досега најслободниот медиум во историјата на човештвото и економска кастрација на иновации од мали организации/фирми се случува во САД, тогаш во земјите што кон западот гледаат со розеви очила, каква што за жал е и Македонија, можеме да очекуваме вакви па и пожестоки политики по овие прашања. Овие негативни појави се веќе присутни во Македонија и нивното зајакнување во САД би значело „зелено светло“ за Македонија уште повеќе да ги спушти стандардите за тоа што значи напредно општество.

Второто е посуптилно, но сепак присутно. Покачувањето на услугите во САД за компани кои имаат интернационален бунар на корисници би значело општо покачување на нивните цени. Така, ако „Јутуб“ (YouTube) до сега имал реклами на видеата сега ќе треба да го зголеми бројот или должината на рекламите за да го задржи сегашното ниво на профит. Најверојатно „Фејсбук“ (Facebook) ќе треба да ги покачи цените или да ги зачести појавувањата на своите реклами. „Нетфликс“ (Netflix) ќе наплаќа повеќе за услугите. И така натаму. Од друга страна оваа предност што овие компании ја имаат врз помалите (таа да можат да платат на провајдерите за подобра услуга) ќе доведе до гушење на иновациите кои произлегуваат од малите компании/организации и тоа најмногу токму во интернет и информатичкиот сектор. Само за потсетување: токму такви иновации беа „Гугл“, „Фејсбук“, „Твитер“ и „Јутуб“ меѓу другите. Којзнае какви сè не вака корисни иновации нема да ги доживееме поради оваа одлука.