Какво риалити шоу, не се дише!
Загадувањето во градовите во Република Македонија продолжува да биде на алармантно ниво. Луѓето се радуваат и на мал ветар, со надеж дека смогот во воздухот ќе се расчисти. Низ Лисиче скоро и да не се гледа прст пред око, Тетово и Битола смрдат повеќе од кога било, а веќе пристигаат информации дека Скопје, барем за еден ден, беше светски лидер во загадување.
На целата оваа ситуација, разочарувачка е реакцијата на градоначлникот на град Скопје, Петре Шилегов, на вознемиреноста и револтот изразен од страна на граѓаните. Покрај повикот да не се прави „риалити шоу“ од загадувањето, тој ги осуди иницијативите на граѓаните против загадувањето како политички мотивирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа комплетно банализирајќи ја опасноста од загадувањето.
Ние не разбираме дали е ова некоја ПР тактика украдена од ВМРО-ДПМНЕ или е искрен анимозитет кон граѓанската инволвираност во проблемите од секојдневието кои најмногу ги засегаат. Впрочем, не е прв пат некој од СДСМ да реагира на ваков начин – само пред неколку месеци, министерот Тевдовски, на ист начин, побара од медиумите и граѓаните да не коментираат за поскапувањето на акцизата на дизелот. Каква хипокризија, земајќи го предвид фактот дека СДСМ, дур беше во опозиција, гласно ја критикуваше граѓанската неинволвираност.
Градоначалникот влегува во патетична груевистичка реторика. Зарем треба да го потсетиме дека низ годините, неговата партија ги поддржуваше ваквите иницијативи против загадување, а ВМРО-ДПМНЕ ги напаѓаше истите за политичка мотивираност од страна на СДСМ? Зарем треба да го потсетиме како им ги заокружуваа лицата за време на „Шарената револуција“, велејќи дека од нив е истата организирана? Нели не се исти како нив? Зошто се служат со таква евтина и безначајна реторика во тој случај? Нека ни докажат дека се различни, а не спротивното!
Еколошката програма беше таа која што го доведе него на позицијата градоначалник на град Скопје и време е да почне да исполнува нешто од тоа што го вети во предизборната кампања, а не да се труди да го замолчи народот. И нека не виде тој обид во насока на репресија на сиромашните, како што тоа го прават неговите сопартијци во Аеродром и Карпош, со нивните кампањи за пријавување на загадувачи. Тие луѓе кои се пријавени немаат избор бидејќи немаат пари, освен да се греат на дрва и материјали кои загадуваат, а градоначалникот е неволен/неспособен да издејствува намалување на цената на парно греењето, на приклучоците за парно греењето итн. Нека се покаже Петре Шилегов како вистински социјал-демократи и нека удри по џебот на богатите, а нам нека ни дозволи да не испоумреме од ПМ честици.