Универзитетите не се места каде што се печат занаети – Никола Крстевски

Говор на ораторската вечер „Иво Пухан“ 2017


Целта на образованието е да обезбеди услови за целосен развиток на човековите потенцијали, неговиот разум, неговата креативност, на неговата критичка мисла, за развивање на неговата слобода.

Образованието е одраз на општествениот контекст. Следејќи ги принципите од кои тоа денес е водено, ќе се запрашаме кои се вистинските цели и вредности на денешното општество?

Денес се говори за образование кое ќе ги задоволи единствено потребите на пазарот на труд. Во основниот текст на Болоњската декларација се говори за “вработливоста на Европските граѓани”, за “меѓународната конкурентност на Европскиот високообразовен систем” и “релевантност на Европскиот пазар на труд“.

Ставено во овој контекст, образованието радикално се оддалечува од неговата изворна улога – да биде агенс на универзалното знаење, да продуцира интелигенција која критички ќе ja опсервира стварноста и која ќе ги изнуди механизмите за поправично општество. Образованието денес е ставено во улога на слуга на бизнисот и апологет на статусот quo. Нешто што барем универзитетите никогаш не беа. Затоа што во универзитетите секогаш доаѓаа луѓе полни со идеи. А идеата зачи промена, значи одење напред. А не тапкање во место, не статус quo.

Навлегувајќи се повеќе во практичноста која денешното време ја бара, универзитетите се повеќе ја напуштаат својата образовна функција и се претвораат во школи за вештини. Се повеќе се посегнува по “практичното”. Водени од техничките аспекти на нашите идни професии, забораваме на суштината. Универзитетите не се места каде што се печат занаети. Тие се места каде што се изучуваат концепти и теории.

Се повеќе се критикува високото образование дека е нефлексибилно. Дека не ги следи современите трендови. Дека не се прилагодива кон потребите на пазарот.

Образованието и не треба да се прилагодува. Не може бизнисите од образованието да очекуваат готови профили, што технички и занаетчиски ќе си ја вршат работата. Задача на образованието е да образува личности, да создава критичка писменост и да ги шири хоризонтите.

Неатрактивни стануваат општествено – хуманистичките науки. Во очите на бизнисот тие се неисплатливи. Но општествено – хуманистичките науки се оние кои критикуваат, кои ги наоѓаат недостатоците на секое општество и кои создаваат автономија на мислата. Универзитетите мора да најдат начин како повторно да ги актуелизираат. Тие имаат огромен потенцијал да бидат искористени и во комерцијални цели. Но тој аспект треба да дојде до израз во компаниите. Во амфитеатрите треба да се учат, анализираат и дискутираат теориите.

Должност на високото образование и на образованието воопшто е да ги потегне конците за преиспитување на вредносниот систем на секое општество. Одговорноста на сите чинители е подеднакво голема. Постојат добро осмислени и законски регулирани механизми за одделување на практиканството од универзитетите. Но без промена на свеста, тие се нефункционални. Студентите треба да разберат дека факултетите не служат единствено за покачување на нивната цена на пазарот на труд. Професорите треба да се свесни дека образуваат академски граѓани, одговорни за курсот по кој плови едно општество. Работодавцете да не чекаат готови работници. Тие треба да се спремни постојано да вложуваат во праксата на своите вработени.

Образованието е одраз на општествениот контекст. Но образованието е и најмоќното оружје за да го промените светот. А на светот му е потребна промена.

Никола Крстевски