Став

Елиминација на позитивната дискриминација

Талкајќи по западниот вредносен имагинариум влеговме во имплементирања на легислатива за чија примена некако сме незрели. Дрзнавме кон системски решенија без проценка за соодветност  кон потребноста на општествената реалност, за во извештаите да добиваме постојано некакви  дијагнози. Mи се чини дека ќе мораме сами да се предијагнозираме оти западните врачари никако да ја погодат дијагнозата, а слепото следење на истата го тера здраво разумниот дел од системот да моли за сопствената еутаназија.

Распределувањето кадри во константно постизборно редуплицирање на турли тава процесот никако да почне да крчка нешто различно. Додека во дискурсот постојано се претставува моќта на недопирливите, прикажана преку призмата на свирепост овозможена од електоратот, зад затворените врати се крие само математика.

Баш овие недопирливите ја разобличија идејата која тежнееше да биде симбол за соработка и надминување на разликите, а возвишените предлагачи на истата и благослов и амин и даваа. Умните глави во прогнозирањето по којзнае кој пат заталкаа, за сега веќе не така срамежливо да укажуваат на слабостите кои се појавија заради неа. Позитивната дискриминација еволуираше во реално опасна форми,  доведувајки го системот до целосна дисфункционализација претварајќи се во најсилен облик на професионална дискриминација.

Државниот систем создаде милион основи за учество во него, а круцијален елемент како професионализацијата е целосно исклучен. Станувањето дел од системот е процес остварлив по основ на припадност кон предопределена група, партиските штабови претворени во регрутни центри за администрација кој функционираат по веќе утврдена материја а непотизмот како специјална гранка од ваквата феноменологија. Конкурсите манифестирани во проѕирна театарска претстава, со традиционален режиски формат и однапред одбрана екипа, секако во рамките на легислативата.

Кога системот е отиден по ѓаволите тогаш и државата ита во бездна. Постизборното кроиње ,,нов систем’’ е  повторување на бесмислена рутина, додека штофот не се промени секако нема да биде ништо друго освен будалаштина. Иако баш секој од нив е свесен за потребата од  длабока дезинфекција на насобраните паразити произведени во сопствените елитистички блата, тоа останува празно слово во програма, пречкртано со ,,пу пу не важи’’ формулата.

Толеранцијата за ,,мир во куќа’’ мора да стане опција заборавена! Порано беше само не ефективна, сега веќе е штетна. Ваквото толерирање само го охрабрува, па запнал и онака бедната економија на грб уште паразити му насамари. Ја разбирам неговата апсолутно неморална цел, но не разбирам што очекува да добие како реакција на другата страна освен супер фрустрација. Ваквото поведение нема никаква врска со било какви права, туку е одраз на сунгерестата способност поседувана од  ,,етничката заедница’’ да впива привилегии без ни малку чувство за штетноста по другиот од истата. Замисли, во приватна стоматолошка ординација вработуваш стоматолог не заради неговата професионализација туку заради неговата припадност кон етничка заедница. Епа баш сакам да видам дали таму би отишол Али на орална хирургија.

Тврдам – позитивната дискриминација не роди ништо освен понижување, угнетување и фрустрација на секој кој поседува високо ниво на професионализам. Работници! Германија веќе не смее да ни биде опција! Мораме да го трсиме патот на новата работничка револуција!!!



Став на Александар Симонов