Општина Дојран потроши 10.000 евра за мобилни претплати со 8 GB интернет!
Додека Општината Дојран тоне во долгови кумулирани како последица на недомаќинското работење на општинската администрација, Анго Ангов, градоначалникот на Општината склучил договор за користење на мобилни услуги во висина 660 илјади денари односно 10.731 евра.
Договорот, градоначалникот Ангов го склучил во март 2018 година откако претходно на огласот за доделување на договор за јавна набавка број 02/2018 за најповолен понудувач е прифатен ОНЕ.ВИП ДООЕЛ.
Прифатената понуда број 08-1233/1 во целост ги исполнува техничките барања специфицирани во огласот за јавна набавка. Така за 559.322 денари без ДДВ односно 660.000 денари, Градоначалникот добил 14 претплатнички линии со 8 GB бесплатен интернет како и една претплатничка линија со 10 GB бесплатен интернет сообраќај.
Поедноставно кажано, Анго Ангов потпишал договор за 14 претплати од 610 денари без ДДВ/месечно за период од 24 месеци, како и една претплата во висина од 1.500 денари без ДДВ/месечно, исто така за период од 24 месеци. Математичката пресметка покажува дека ова е многу помалку од договорената вредност од 660.000 денари. Затоа во договорот се вклучени и мобилни уреди, и тоа 14 во вредност од 8.500 денари и еден во висина од 48.000 денари со вклучено ДДВ.
Она што се поставува како прашање е зошто е потребно мобилните претплати да имаат вклучено толкав интернет сообраќај и дали Градоначалникот и неговите блиски соработници одат на работа да сурфаат на интернет од службените телефони платени со парите на Дојранчани или за решавање на нивните проблеми? Дополнително, се поставува и прашањето дали овие мобилни уреди се уредно евидентирани како основни средства или истите се присвоени од градоначалникот Анго Ангов и неговите блиски соработници?
Дополнително, токму градоначалникот Ангов распиша референдум за воведување Јавно-приватно партнерство за снабдување со вода, под изговорот дека Општината нема средства за реализирање на основната јавна дејност – пристапот до чиста вода.