УПОЗ најави протест на вработените во ФЗОМ

Синдикатот на вработените од јавната администрација УПОЗ денеска преку соопштение потврди дека работниците од Фондот за здравствено осигурување излегуваат на протест заради поголеми плати.

Ваквата реакција следува откако во предлог-државниот буџет за 2024 година, кој помина на Влада, не предвидувал никакво покачување на плати за вработените, кои бараат зголемување од 7.500 до 10.000 денари.

„Вработените во фондот за здравствено осигурување на Р. Македонија, имаат најниски плати од сите органи на државната управа. Над 50 отсто од вработените, дури ни со две нивни плати, не можат да ја достигнат минималната синдикална кошничка која сега изнесува 48.389,00 денари.

Во споредба со останатите институции, со која Фондот за здравствено осигурување, има сродна или иста дејност, вработените во Фондот за здравство, имаат од 120 до 150 евра, пониска плата за исто работно место на исто ниво.

Фармацевт/доктор/стоматолог/ – чии работни задачи се контролен инспектор, имаат плата од 27.000,00 денари. Во сродни институции од здравството, платите на ваков вид вработени, се над 50.000,00 денари.

Ваквата состојба, допринесува за егзодус на овој тип на вработени од Фондот. Како податок, само во Скопје, на овие работни места само пред неколку години имаше 50 вработени, а сега се 20 вработени.