Либија: Пред, за време и по Гадафи

Девет години поминаа од воената интервенција на НАТО, со која беше тргнат од власт и убиен Муамер ал-Гадафи, а Либија и понатаму останува заробена во насилства помеѓу различни вооружени, религиски и етнички групи, како и надворешното мешање кое ја одведе државата во апсолутен хаос. На 20 октомври 2011 година за време на протестите во Либија поддржани од страна на САД и ЕУ, започна и вооружена побуна која ја однесе Либија во крвава граѓанска војна во која загинаа илјадници луѓе, а либискиот лидер беше заробен, измачуван и брутално убиен од страна на бунтовниците.

Од најпросперитетните и најбогати држави во Африка, благодарение на огромните нафтени ресурси, по падот на Гадафи оваа северноафриканска држава беше поделена помеѓу две ривалски влади, една на истокот од земјата и една на западот, како и помеѓу повеќе вооружени бунтовнички групи и племиња кои се борат меѓусебно за моќ, богатства, ресурси и контрола врз земјата.

Гадафи владееше со Либија 42 години, и за тоа време Либија постигна неверојатен напредок на социјален, економски и политички план, и беше почитуван од многу африкански, арапски и светски држави. Исто така Гадафи претставуваше важна анти-империјалистичка фигура, смело спротиставуваќи се на политиките на САД и западноевропските држави во Африка и Блискиот исток.

Од тие причини, животот и смртта на Гадафи се клучни настани за разбирање на моменталната ситуација во Либија.

Либија пред Гадафи

По Втората светска војна и по колонијалната окупација од страна на Италија, Либија беше отстапена на Франција и Британија, при што и двете држави административно ја поврзаа со своите останати колонии во северна Африка.

Сепак, Велика Британија инсистираше да се направи Либија монархија по моделот на Саудиска Арабија и тоа беше исполнето, Либија доби „независност“ и беше примена во ООН, а за монарх беше поставен Идриз од политичко-религиозниот клан Сенуси. Меѓутоа Идриз во своето „владеење“ ја држеше Либија во опскурантизам (чин на намерно криење факти и спречување проток на информации и знаење), додека истовремено ги промовираше и извршување британските политички, економски и воени интереси.

Кога во 1959 година беа откриени огромни резерви на нафта во Либија, експлоатацијата на црното злато воопшто не се одрази врз животниот стандард на Либијците. Според политичкиот аналитичар Тиери Мејсан, за време на монархијата нацијата била заглавена во заостанатоста на образованието, здравството, домувањето и социјалното осигурување , како и тешката економска состојба на мнозинството население.

Ниските стапки на писменост биле шокантни, од 4 милиони жители само 250 000 знаеле да читаат и пишуваат, што во проценти изнесува 6,25% од целокупното население. Од тие причини, во 1969 година династијата Сенуси е соборена од група офицери предводени од полковникот Моамер ал-Гадафи, кој прогласи вистинска независност и ги отстрани сите доминантни странски сили од новопрогласената Либиска Арапска Република.

Либија за време на Гадафи

Првите потези на Гадафи како нов лидер беа да се сподели богатството и придобивките од нафтата со сите Либијци. Новата влада предводена од Гадафи почна да ги искористува придобивките од извозот на нафта со што започна економскиот и социјаленот подем во Либија. Една од мерките за економска независност беше национализација на сите странски фирми во Либија меѓу кои беше и БП (British Petroleum) и основање на државна компанија која ќе раководи со нафтените ресурси и ќе работи по социјалистички модел на функционирање.

За време на владеењето на Гадафи започнати се амбициозни планови во полињата на образованието, здравството, домувањето, невработеноста, како и субвенционирањето на електрична енергија и основни прехрамбени продукти. Со овие политики Либија направи значителен напредок во условите за живот на Либијците и од една од најсиромашните држави во Африка, во 1969 година стана лидер во цела Африка по индексот на човеков развој (HDI) во 2011.

Неговите политики доведоа до бесплатно здравство и образование за сите во Либија, загарантиран дом за секое ново семејство, рекордно ниска цена за бензин (0,14 долари за литар, односно 7 македонски денари за литар бензин), стипендии за студирање во странство, обезбедување вода за целото население(ова е од големо значење бидејќи поголемиот дел од Либија е пустина) и отплата на целиот надворешен долг на Либија со што ја направи една од ретките економии кои немаат долг. И притоа успеа да ги отствари сите овие цели под постојан надворешен притисок и санкции.

Мора да се спомене дека за време на Гадафи, Либија беше една од првите арапски и муслимански држави во кои жените добија еднакви права како и мажите, еднакви права при развод и беа забранети бракови помеѓу малолетници. Дури и Програмата за развој при ООН во 2010 ја сметаше Либија за високо развиена држава во Северна Африка и Блискиот исток, со стапка на писменост од 88,4% (за потсетување пред Гадафи тој процент изнесување 6,25%),животен век од 74,5 години (за споредба остатокот од Африка, просечниот животен век во 2019 изнесува 61 година за мажите и 65 за жените) и развиена родова еднаквост.

На внатрешен план, Гадафи знаеше како и успешно се справуваше со главниот проблем во Либија, а тоа е тешкото контролирање на многуте племиња во Либија, кои заради нивните огромни разлики во културата, обичаите и потеклото, создаваат услови за фрагментација на либиското општество. Гадафи беше способен да ги држи заедно сите различни племиња и нивните територии со мала меѓусебна поврзаност. Се проценува дека на либиска територија живеат над 140 различни племиња, секое со различна традиција, култура, обичаи и потекло.

На надворешен план, Гадафи беше поборник на панарабизмот и панафриканизмот, како начин на кои арапските и африканските држави со заеднички сили би се спротиставиле на империјалистичките политики на САД. Таа политика беше жестоко критикувана од страна на Американците. Либискиот лидер работеше на зближување со арапските држави, особено со Египет, Тунис, Сирија и Судан и активно ги подржуваше Палестинците. Одржуваше добри односи со сите комунистички и анти-империјалистички држави во светот. Тоа му овозможи да има блиски односи со Куба и Венецуела, што особено им сметаше на САД.

За време на неговото убиство, Либија го имаше најголемото БДП по глава на жител во Африка, како и најдолгиот животен век на континентот. Либија дури имала и помалку луѓе под прагот на сиромаштија од Холандија.

Падот на Гадафи

Таканаречената „Арапска пролет“ започна со протестите во декември 2010 во Тунис. Месец дена подоцна започнаа протести во Либија, но за разлика од протестите во Тунис и Египет, ниту беа до таа мера масовни, ниту беа популарни. Не беа концентрирани во главниот град Триполи, туку во Бенгази и предводници беа неколку исламистчки групи кои беа против Гадафи. Голем број на аналитичари и странски познавачи на ситуацијата во Либија се согласуваат дека во Либија никогаш немало масовно движење за промена на власта.

Сепак, протестите во Бенгази беа доволни за Советот за безбедност при ООН и НАТО интервенираат во име на „Одговорноста за заштита“ (резолуција 1973) и НАТО започна кампања со бомбардирање на Либија помеѓу март и октомври 2011, акт кој беше од одлучувачко значење за исходот на ситуацијата во Либија како и убиството на Гадафи. Според Мејсан, мешањето на НАТО во внатрешните работи на Либија и соборувањето на Гадафи не беа резултат на конфликт помеѓу Либијците, туку долгорочна регионална стратегија за дестабилизација на регионот богат со нафта.

Девет години по смртта на Гадафи, жителите на оваа разрушена држава жалат по Гадафи и им недостасуваат старите добри денови на сигурност и благосостојба. Некогаш економски и социјално стабилната Либија на Гадафи, денес е претворена во една поделена држава, без влада (односно две влади кои меѓусебно не се признаваат), уништена од конфликти, бомбашки напади и континуирани судири меѓу разни вооружени групи. Тоа е единствено резултат на НАТО инвазијата врз оваа северноафриканска држава. И тоа е заклучокот кои се’ повеќе и повеќе Либијци денес го сфаќаат.


Извор: ТелеСур