Став

Угоре високо, удолу длабоко

Таква е моменталната ситуација, драги мои после француското „не“ за Северна. Можеби ќе звучи премногу фаталистички, дури и песимистички, но немам намера да ја нашминкам реалноста. Дури, некои од тезите ќе бидат намерно иссилени, за да укажам на важноста и особено на сложеноста на ситуацијата во овие историски мигови за Македонија.

Не сакам да се навраќам, барем не во овој текст, на кој тоа не му е првичната намера, на сите бранители на тезата „само уште името и влегуваме“, под чија канонада бевме сите ние „конзервативните“, „десничарските“, „регресивните“ елементи во општеството, кога се обидувавме да се спротивставиме на таа ноторна, историска глупост. Ене, на Фејсбук профилот сè уште ми стојат „риплајите“ под моите статуси и колумни, каде повикувам да се запре лудилото со промената на името. „Аргументите“ им се едни те исти: од „името е услов“, преку „ако не го смениме, немаме иднина“, до „е ајде кажи професоре, ако си ти толку умен, што е решението“ и сл. Ова кратко навраќање кон темата „името“, е во функција на еден заедничи одговор кон сите тие „прогресивци“, за кои дури и ние од Левица, бевме десничари, националисти и конзервативци. И сега, јас сите нив ги прашувам: „е сега бе, пилиња“!?

Нејсе, на името се навратив, не само заради „злорадоста“ со која им одговарам на сите оние кои ме прозиваа, туку затоа што сè од таму започна. Се сеќавате многу добро, нели на „играм all in, играм со сите кецеви и џокери, играм на сè или ништо“! И токму така, тоа беше еден од оние моменти кога премиерот беше искрен! Целата политика на државата, од падот на Груевски, до недобивањето датум беше фундирана само на таа една и единствена карта. Никаква друга политика, никаква стратегија, никакви анализи, никакви стручни експертизи…само ветување, тапкање по рамо од бирократите во ЕУ и магливи „гаранции“, во стилот – „ајде уште именцето и влагате“! И токму затоа сега е угоре високо, удолу длабоко, токму затоа сега македонската политика е во ќорсокак – токму затоа што и немаше никаква политика! Во мигови кога се случуваат сериозни геополитички преструктуирања во Европа, а особено на Балканот, ние тргнавме да водиме политика на ветер, на ветувања – коцкарски. А на Балканот, да водите политика на ветер, на ветувања, да немате не само „план Б“, „план Ц“.., туку и да немате сериозна, стратешка геополитичка, и пред сè експертска анализа на политичките движења и врз нив да кроите политика, не само што треба да сте наивен, туку треба да сте и крајно неодговорен.  

Прашањето е што сега? На домашен план, поглаварите се договорија за некакви избори? Прашањето е што ќе донесат изборите? Овие избори се најбесмислените, најнепотребните од осомостајувањето до денес! Со која политика, со која платформа ќе излезат и СДСМ и ВМРО? Првите со „на прав пат“!? Тој пат е затворен за долг рок, ако не и засекогаш. ВМРО со „името ќе го вратиме“? И тој пат е затворен. На Македонија ù се крои меѓународна „Прокрустова постела“ – ќе треба да ни скратат или од нозете или од главата. Ве уверувам, дека Македонија се наоѓа во една од посложените геополитички мигови, од осамостојувањето до денес. Изолацијата од времето на „режимот“ на Груевски, ќе ни се учини „мелем“, ако се реализираат најпесимистичките геополитички сценарија за Балканот. 

На меѓународен план има крупни преструктуирања кои никој од политиканите не сакаше ни да ги види, ниту ако ги видеше ќе ги разбереше. Меркел заминува, Британија заминува, време е Макрон да ја поведе меѓународната локомотива на новата Европа. Но, таа нова Европа, всушност е старата идеја за Европа, драги мои, идеја за Балканот как сосед, како „другото“ на Европа, Европа само како Западна Европа, без Балканот. А во меѓувреме на Балканите врие. Русите „влегоа“ со S400 и Панцир во Србија, се крчка Мал Шенген, како компензација за нас, но и на Србија за Косово, со Босна и Херцеговина допрва ќе се расправаат, со Косово многу бргу, Хрватите избезумени, се вооружуваат, албанските радикални елементи се подготвуваат за Големата идеја… 

За нас, на маса се неколку опции. Едната е преку Малиот Шенген каде Србија би била не само компензирана, туку би била претворена во мал лидер на овој дел од Западен Балкан. За таква идеја, сојуз без Косово, пак албанските елементи, не сакаат да чујат, за Мал Шенген пак со Косово, Србите не сакат да чујат. Мини Шенген е решение само за Европа: Србија ќе „граничи“ со Грција и ќе ги амортизира идеите за Голема Албанија и Бугарија. Второто сценарио е срамежливо шепотената Алмакос, која е уште повеќе проблематична – во неа ќе виси источна Македонија, а и на многумина не им се баш допаѓа; а конечно затворање, пак на „македонското прашање“, со поделба помеѓу Бугарија и Албанија, е нешто што не доаѓа пред вид за Грција, а секако и за Србија, иако, можеби членството во НАТО на Македонија, ќе може да послужи токму за тоа: за мирна дезинтеграција на државата под чадорот на НАТО, како безбедносен „гарант“ дека потресот од таква идеја нема да биде експлозија, туку имплозија, т.е. дека расцепот и поделбата на Македонија нема да се рашири низ отворените прашања во регионот. Можеби затоа беше потребен и само НАТО, а не и ЕУ? Разврските допрва следат, драги мои, а ние немаме капацитет ниту да ги следиме, а камо ли да одговориме со нашата коцкарска, популистичка и невизионерска политика. Како и да биде, дедо ми велеше, „нашиот ал и кучињата нема да го јадат“! А со политичари-коцкари, а не стратези и визионери, веројатно затоа и до овој ќорсокак дотуркавме!

-Трајче Стојанов