102 години Октомвриска Револуција

Овој 7ми Ноември навршуваат точно 102 години од Октомвриската Револуција, веројатно најзначајниот настан на 20тиот век. Историските случувања, иако имаат повеќе значења, од практична гледна точка се важни пред се од 2 причини.

Едната причина, онаа очигледната, е учење од историјата. Една изрека вели „Глупав човек учи од своите грешки, паметен од туѓите“. Ова може да се прошири и на ниво на колектив па да гласи „Глупав народ учи од своите грешки, паметен од историјата“.

Втората причина, онаа на која ќе се осврне овој текст, е разбирање на сегашноста. Преку анализа на историските моменти кои довеле до моменталната состојба на светската, но и домашната сцена, можеме да го разбереме коренот за проблемите и начинот за нивно идно решавање. Па, затоа, кој е ефектот на Октомвриската Револуција од 1917 на Македонија во 2019?

Во 1917 Македонското прашање е централно политичко прашање на Балканот, и тоа веќе некое време. Регионалните буржоазии во подем со декади гледаат на територијата на Македонија како простор за ширење на домашниот пазар и политичко влијание. Во таа цел, нормално, се поддржани секој од соодветниот империјалистички газда. Со превземањето на власта од страна на работниците во Русија, една од сферите на влијание на Балканот си заминува, но тоа не ја менува суштински ситуацијата бидејќи другите Европски земји ја превземаат улогата. Но, сепак постои промена на светската политичка сцена, промена која ќе одигра клучна улога во Македонското Прашање.

Пред 100 години, на иницијатива на Руската Комунистичка Партија (Болшевици), е формирана Коминтерната, како интернационална организација на работничките партии низ светот. Една од политиките на Коминтерната беше помагањето на национално-ослободителните движења на угнетените нации. Во пракса тоа значеше помош за овие движења не само декларативно туку, пред се, со парична помош и снабдување со материјали (пример: оружје) за водење на борбата.

Гледајќи го ова како шанса да се зајакнат силите на македонското национално движење во 1923 од страна на ВМРО се пратени делегати во Москва да остварат контакт и да обезбедат поддршка.

Според идеологијата на марксизмот-ленинизмот, официјалната идеологија на Коминтерната, како клучен чекор во борбата против империјализмот се смета националното ослободување на угнетените, поробените и колонизираните нации. Сметајќи дека во услови на развиен капитализам (империјализам) не е можно класно ослободување без национално ослободување, во случаеви кога класната борба не е развиена и националното движење не е од (исклучиво) работнички карактер, туку е (барем делумно) предводено од националната буржоазија, Коминтерната ги подржувала и овие движења, гледајќи го нивниот успех како основа но и најјава на успехот на работниците. 

Затоа, Коминтерната инсистира на сооединување на „левите“ и „десните“ елементи на Македонското национало движење. Така е потпишан и фамозниот Мајски Манифест, идеја која, за жал, не издржала. Коминтерната во овој период сериозно ја финансира и вооржува македонско национално движење, иако точните бројќи, поради илегалноста на дејноста, е тешко да се проценат.

Во 1934, на барање на македонските делегати во Коминтерната, е изработена и усвоена „Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање“. Овој документ претставува прво признавање на Македонската нација како посебна нација од страна на релевантна меѓународна организација, со тоа давајќи огромен светски легитимитет на македонското национално движење.

Оваа одлука, по принципот на демократски централизам, била обврзувачка за сите комунистички партии па така нешто што ќе се покаже како клучен момент во блиската иднина.

Создавањето на Советскиот Сојуз и неговото позиционирање како втора светска сила, јакнењето на Коминтерната и интернационалното работничко движење како и втората светска војна ќе имаат ефект низ целиот свет па и во Македонија.

За време на втората светска војна во Македонија, како и во другите делови на Југославија, се појавуваат Партизаните. Како вооружено крило на КПЈ тие се залагаат, меѓу другото, и за посебна Македонска држава, во рамките на Југославија, со право на самоопределување до отцепување. Ваквата политика е во склад со обврзувачката резолуција на Коминтерната. Како резултат на успехот на Советскиот Сојуз во борбата против силите на Оската и успехот на Партизаните во пружање силен (најсилен во Европа) вооружен отпор на окупациите, се создава Народна Република Македонија со што конечно и за прв пат Македонците имаат своја национална држава. 

Очигледно е дека без успехот на Октомвриската револуција немаше да постои силен Советски Сојуз, силна Коминтерна и силно Партизанско движење. Овие три политички ентитети се директна последица на револуцијата во 1917. Делумно од материјален карактер преку индустриската, дипломатска и воена сила која ја развиваат работниците во СССР по превземањето на власта, делумно од идеен карактер преку примерот кој советските работници го даваат кон светските работници и селани за тоа како може да се управува и уредува една држава, привлекувајќи милиони во редовите на разните комунистички партии (па и КПЈ -> Партизани) низ светот.

Секако би било неодговорно да се шпекулира од типот што-би-било-кога-би-било, кога не би успеала Октомвриската револуција, но неспорно е дека подршката на меѓународното работничко движење кое својот почеток и центар го имаше во СССР неизмерно помогна за создавање на Македонската држава.

Со контра-револуцијата во СССР и повеќето социјалистички земји, со уништувањето на Варшавскиот пакт, светска ситуација се промени во насока неповолна за Македонија. Уништувањето на контра-тежата на Западниот империјализам доведе до разгорување на старите буржујски апетити. Повторно балканските буржоазии како пред еден век со сјај во очите гледаа и гледаат на Македонија. Нивната положба на посилни буржоазии во споредба со македонската доведе до уривање на голем дел од темелите на македонската државност. А другите темели ги сруши самата македонска олигархија.

Корупцијата, лакомоста, и себичноста на слабата македонска буржоазија ја уништи економијата градена од работниците со декади. Ги уништи образовните и академски институции, воените способности, професионализмот во државната служба (пред се дипломатијата) и, како резултат, ја оттуѓи Македонија од македонците. Тоа доведе до ситуација патриотизмот и љубовта за својот народ да се гледа како идиотизам и мета за потсмев. 

На регионалната сцена кормилото на власта го превземаа луѓе и партии чиј водечки принцип е личниот интерес а не принципот на самоопределување, па, очекувано, повторно се вратија во игра старите притисоци и византиски игри. Под притисок на појаките буржоазии Македонија воведе поволни економски услови за нив, им продаде општествена сопственост (друга ја подели меѓу себе), се откажа од името, знамето, АСНОМ-ските принципи и човечкото достоинство воопшто.

Потребна е нова Револуција, нова Интернационала.

  • Редакцијата на Антропол
Револуцијата која ќе ја покрие целата Земја