АктуелноЛокално

Левица: Обвинети од случајот „Делчевски ниви“ си делат тендери во МРТВ

Партијата Левица денеска излезе со ново обвинение за коруптивни практики во Македонската радио телевизија (МРТВ), тврдејќи дека јавниот сервис доделува тендери на бизнис партнери кои се обвинети во случајот „Делчевски ниви“. Според соопштението, во центарот на скандалот се Дарко Ќурчиски и Орце Тодоровски – двајца обвинети во истиот предмет, кои, покрај заедничка судска постапка, споделуваат и деловни интереси.

Левица објави дека фирмата „АЛ ДАРИВ Дооел Пехчево“, во сопственост на Ќурчиски, во 2023 година добила тендер од 600.000 денари од МРТВ за набавка на прозори. Скандалозното, според нив, е што токму во МРТВ, на раководна позиција, се наоѓа Орце Тодоровски, долгогодишен функционер и, како што тврдат, поранешен бизнис партнер на Ќурчиски, со кого заеднички ја поседуваат бензинската пумпа „ОИЛ ДЕ“ во Делчево.

Левица потсетува и дека Тодоровски е поврзан со лидерот на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку заедничко учество во бизнис со хидроцентрали. Оттаму, партијата ја обвинува владејачката партија за „продлабочени партиски корени“ во јавниот сервис, кој, според нив, останал во сенката на владеењето на ДПМНЕ, со оглед дека директорот Марјан Цветковски е поставен уште во 2012 година, за време на владеењето на Никола Груевски.

„Случајот ‘Делчевски ниви’ пропадна под сомнителни околности, додека обвинетите блиски до Мицкоски сега несметано добиваат државни пари преку јавниот сервис,“ се наведува во соопштението.

Левица апелира до Јавното обвинителство да испита судир на интереси и влијание врз тендерски постапки, нагласувајќи дека институциите и натаму молчат кога се во прашање функционери и бизнисмени блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, и овој скандал е доказ за „договорен криминал“ помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, поради кој правдата останува селективна и нефункционална.