(Видео) Смилев: Панко Брашнаров повторно помеѓу Македонците

На 12 јули се навршуваат 71година од смртта на Панко Брашнаров, народниот трибун и учител од Велес, учесник во двата Илиндени 1903 и 1941 година, член на првиот Централен Комитет на ВМРО обединета, македонски комунист, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и прв претседавач на АСНОМ. По тој повод ви го пренесуваме говорот на Игор Смилев – член на Централниот Комитет на Левица и Советник во Општина Велес, пред споменикот на Панко Брашнаров во Велес.

Од 1944 година, до денес, овие зборови учителе, се зборови на гордост, трепет и немир, апостолско сновидение со поглед  вперен во она мало парче македонско небо што ни остана, дефиниција на жедта за слобода и тригонометриска точка на македонскиот опстој .

Нејак е заборавот, што како сенка ти го препишаа, за да ти биде судбина, бидејки, сакајки тебе   да те заборават,  заборавија на нас , на кои во крвта ни е да се сеќаваме, да простуваме  и да не забораваме. Нам ни остана аманетот учителе, до вечноста , со секавања  да те разбудуваме, со росата од очите  гробот да ти го прелееме,  пролетта да ти  ја донесеме и пред секој Велигден да им простиме, на оние кои како сеништа шетаат од другата страна на виножитото, оти ниту се наживеаја како луѓе, ниту пак можеа да ја предадат душата на севишниот како луѓе,  затоа што беа нелуѓе и затоа што тебе те имаа на душа.

Сакаа очите  на мрак да ни ги навикнат,  за во темнината да не видиме, лицата да не им ги узнаеме, да  го загубиме патот и да се изгубиме.

 Ама пустото , и Гроот и  Свети Илија се гледаат и во темница, Вардар не сака да им ги испере гревовите а Саатот молкум им ја раскажува приказната за тебе,на неродените, за уште од раѓање да си  знаат се за учителот. Во читанките на децата  испонапишаа, Панко Брашнар  учител,вмровски националист,комунист,информбировец – неженет, но пак заборавија дека децата имаат родители кои кришум- кришум во читанките допишуваа, не обичен учител туку народен трибун, не националист туку борец против турскиот гнет, не комунист туку  силниот глас на непризнатите народи , не информбировец  туку пример за тоа како се сака  слободата и не неженет ,  туку оженет со најубавата на светот на која и остана верен до последно, оженет со Македонија.

Помина  времето на поднаведнатите глави  учителе, молкот се претвори во татнеж најсилен а библиската земја си ги побара чедата, за да си ги прибере, да и бидат до неа, затоа што  и онака сме малкумина, наши, македонци, патриоти, та коските да си ги оставаме неодбележани и  рассеани по светот.

Нашата генерација Македонци, е онаа генерација на која  и  било предодредено, да се сретне и со твоите  другари и со твоите  џелати. Едните те оплакуваа, другите  со презир сакаа да те премолчат. Оние кои  мислеа дека твоето тело, ке го запретаат во гроб најплиток  и ке  и го  предадат на темнината на заборавот, не знаеја дека во тој гроб, само посадија  семе, од кое секојдневно никнува, непокор, бескрај и љубов кон татковината.

Тоа што велешани го пронајдоа вечното почивалиште на велешанецот, нека биде простување на гревовите на сите  оние кои не ни помислуваа да го пронајдат местото на твојот покој и дури три пати коските ти ги преместуваа учителе. Македонија знае,  Велес го чека и ке го дочека, твоето вракање дома, меѓу своите, а  на Општина Велес,белким во меѓувреме ќе и текне, барем еднаш да те посети на Мирогој во Загреб и да стави нишан   за секој кој  ке помине  да подзастане и со длабок поклон да  се присети на местото каде што  почива народниот трибун, творецот на ВМРО-Обединета ,сведителот на двата илиндена,современикот на Гули и Алабакот,искрениот пријател на Ризов и Чуповски,соборецот  на генерал Апостолски,искрениот соработник на Рацин, Ченто и Пирузе, човекот кој визионерски  ги виде Пчиња и Вардар до Места и Бистрица како силно ја прегрнуваат напатената македонска земја, велешанецот Панко Брашнар.

 Почивај во мир учителе.