АктуелноЛокално

Советникот Смилев возвраќа: „Велес е монархија на непотизмот, а судството пантеон на неправдата“ – Судот пресуди за клевета

Основниот суд Велес, предводен од судијката Лорета Тодорова, донесе пресуда со која го прогласи советникот на Левица, Игор Смилев за виновен за граѓанска клевета кон пратеникот Александар Јамалов. Пресудата П-5 број 7/24 го обврзува Смилев да му плати на Јамалов симболичен надомест од едно евро во денарска противвредност и да ја објави изреката од пресудата на свој трошок во дневен весник.

Но, Смилев не само што не се извини – тој возврати јавно, жестоко и без задршка. Во реакција објавена на неговите профили, тој вели:
„И 1% доверба во судството е премногу! Ви тврдам – Велес останува монархија на непотизмот и тоа се потврди и на суд.“

Советникот тврди дека дури и сведочењето на сопругата на тужителот, Александар Јамалов, ја потврдило суштината на неговата изјава – заради која тој беше тужен и осуден. Тој ја нарекува пресудата апсурдна и најавува дека нема намера ниту да пишува демант, ниту да се извинува.

„Слатко се изнасмеав на пресудата… НИТ ПИШУВАМ ДЕМАНТ, НИТ СЕ ИЗВИНУВАМ на овие репрезенти на ДПМНЕ кои ја донесоа сета деструкција поради која огромен број велешани се иселија и не се свртија повеќе назад“, пишува Смилев.

Судската одлука, иако формално во корист на Јамалов, повторно ја отвора дилемата – дали правдата е навистина слепа, или само ги затвора очите пред непотизмот и политичката заштита?

Смилев, кој е еден од најгласните критичари на локалната власт во Велес, вели дека ќе продолжи со „несмален интензитет да го брани јавниот интерес“ и најавува нова серија откритија за, како што го нарекува, „новиот бран непотизам кој го гуши креативниот потенцијал на градот“.

Во услови кога политичката елита вработува, а судот пресудува за јавни изјави наместо да истражува дали тие изјави се вистина, граѓаните сè почесто се прашуваат: Дали правдата е приватна, а вистината – предмет на казна?

Z P

Zvezdanka Pesikj