Апасиев до Филипче: Само Парламентот да ги ограничува цените за лекување – предлогот на Владата е противуставен

Пратеникот Димитар Апасиев во своето обраќање по повод предлог-измените на Владата за ограничување на цените на лекување, потенцира дека истите се неуставни и во иднина приватните болници можат да ги оспорат. Како што изјави Апасиев, вака креираното законско решение делегира Владата да ги ограничува цените, иако Уставот предвидува дека само Собранието со закон може да интервенира во оваа материја.


„Овој закон е издејствуван под притисок на јавноста и конкретно под притисок на Левица, затоа што неколку дена пред овој закон да биде поднесен, Левица поднесе специјален закон за утврдување на максимални цени за болничко лекување за Ковид 19 – пациенти.

Значи, сведоци сме дека на последното пратеничко прашање, кое што јас лично му го упатив на премиерот, а се однесуваше токму на ова, истиот тој ме убедуваше дека нема потреба од ваков закон, бидејќи услугите и таму и ваму биле исти, за само една недела после тоа рапидно да го смени ставот. Меѓутоа, тоа не ве вади од одговорност дека цела година како власт ја преспавте, дозволивте буквално луѓето да се заборчуваат кај лихво-банкарите, да даваат станови, куќи под хипотека, да продаваат автомобили само за да можат да се лекуваат. И да, за разлика од некои колеги кои спомнаа тука, јас сметам и тврдам како левичар и социјалист, дека здравјето е и те како е политичко прашање, и дека за здравјето и те како ќе треба да се интервенира, не само сега, туку и во иднина, за да немаме ваква социјална неправда на секој чекор.

Зошто законот е палијативен? Затоа што е презадоцнет и затоа што се занимава со последиците, а не со причините. Како професор по право, ќе се задржам на три правни аспекти со цел да ви го раскринкам законов, а четвртиот ќе биде политички и на тој ќе се осврнам на крајот.

Првиот правен проблем е тоа што свесно или несвесно, бидејќи и министерот и заменикот министер се медицинари, тие не се правници, оставаат врата да овој закон во иднина биде спорен пред Уставниот суд, токму од олигарсите кои што се сопственици на приватните медицински установи, односно приватните болници. Зошто? Затоа што сметам дека намерно е оваа квака оставена, со цел да може, како што тоа го прават еве сега банкариве кога Народна Банка им забрани да делат дивиденди, па тие тоа го спорат на Уставен, истото ова да ви го прават олигарсите на приватните болници.

Имено, членот 55 од Уставот ќе ви го прочитам, многу е краток, па ќе го продискутираме заедно. Вели дека „Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.” Тоа значи дека уставотворецот предвидел само во три случаи да се чепка слободата на пазарот и претприемништвото, она што Филипче ни го тврдеше дека нема правен основ да ги ограничи. И мислат дека со овој закон го даваат тој правен основ, меѓутоа видете ја кватака.

Како што вели Уставот, како што ви прочитав, единствено со закон можат да се ограничат овие права на овие олигарси или магнати. Значи, знаеме кој носи закон, закон носи Sобранието, односно закони носиме ние како легислативно тело и носител на законодавна власт. Меѓутоа наместо да се донесе таков закон каков што предлага Левица, тој е lex specialis, вие со овој закон не ги ограничувате цените, туку делегирате владата тоа да го прави, значи тоа е еден степен на генерална делегација и втор степен е – ја ограничувате врз основа на цени утврдени од Fондот, како трет орган.

Значи дали разбирате вие всушност правите? Тоа значи противуставно го делегирате суверенитетот на Парламентот на Владата, а понатаму и на Фондот за здравствено осигурување кое ќе ги утврдува цените, наместо тоа да го направиме ние со закон, со што им отварате можност на овие магнати, утре овој закон да ви го оспорат на Уставен суд. Знаејќи го капацитетот уставните судии со шестица просек, тоа може и во иднина да помине.