Левица: Властите ја премолчуваат 80-годишнината од победата над фашизмот
На 9 мај, симбол на крајот на Втората светска војна и победата над фашизмот, политичката партија Левица објави остра реакција до македонските власти, обвинувајќи ги за политички молк и потценување на антифашистичкото наследство врз кое е изградена македонската државност. Според партијата, владините претставници намерно го игнорираат значењето на овој историски ден, заменувајќи го со флоскули за „Денот на Европа“.
Во својата јавна објава, Левица напиша:
„Наместо со достоинствено и гордо чествување, маршеви и јавни свечености, 80-годишнината од победата над фашизмот во Македонија поминува во молк. Не молк од почит, туку како резултат на политичка калкулација, идеолошка конфузија и историска амнезија.
На денешен ден, пред осум децении, беше поразен најголемиот тоталитарен режим на 20 век. Тоа беше заедничка победа на народите кои се кренаа против фашизмот, меѓу кои и македонскиот народ, кој даде илјадници животи за слобода и достоинство. Но, кај нас владее атмосфера како да победил окупаторот. Како да не сме изгубиле илјадници животи, како да не сме имале партизани, како да не сме имале народ што кренал глава против тиранијата.
На чело на државата стојат луѓе кои се срамат да ја изговорат вистината: Дека 9 мај е денот кога нашите предци го поразиле фашизмот!
Претседателката, премиерот, министрите, пратениците и градоначалниците од ДПМНЕ – сите до еден се кријат зад флоскули за „Денот на Европа“, како да се плашат од сопствената историја. Како да е срамно што сме биле на правата страна.
Но, Македонија не ја ослободувале коленичари. Не се бореле нашите баби и дедовци за денес некој да се срами од нив и нивната жртва. Се бореле против окупатори, против домашни предавници, против фашизмот за да живееме исправени.
Членови на Левица денес ширум Македонија обидувајќи се да ја пробијат оваа траорна атмосфера – оддадоа почит на вистинските херои. Положија свежо цвеќе на запоставените споменици. Ги исчистија местата каде што државата одамна ја симнала главата. Потсетија дека слободата не е подарок, туку завет.
Историјата не заборава, а иднината не им припаѓа на тие што се срамат од темелите врз кои е изградена Македонија.“
Со оваа реакција, Левица повторно ја нагласува својата позиција како гласен критичар на владејачките елити, барајќи јавно признание и честување на антифашистичкото наследство. Тие предупредуваат дека молкот не е неутрална политичка одлука, туку чин на бришење на историската меморија и вредности врз кои почива македонската држава.