Брошура на избрани текстови од весникот „Македонка – Орган на АФЖ“ објави ЛИ Рацин по повод Меѓународниот ден на жената
По повод Меѓународниот ден на жената, на вчерашната трибина насловена „Незаменлива во трудот – Силна во борбата“ организирана од АФЖ Левица, беше презентирана Брошурата на избрани текстови од весникот „Македонка – Орган на АФЖ“.
Македонка – Орган на АФЖ“ (1944 – 1952) – прво македонско списание за жени во слободна Македонија. Првиот број на списанието излегол во ноември 1944 година, а неговите почетоци започнуваат во селото Горно Врановци. Подоцна се печатело во Прилеп и во Битола. Прва уредничка била Веселинка Малинска. Следните два броја ги подготвиле Славко Јаневски и Василие Поповиќ-Цицо. Тиражот бил 1.000 примероци.
Причината за настанокот на списанието, била зацврстување на извојуваната позиција на жените како градители на државата и утврдување на правото за масовно и активно вклучување во сите професии и во органи на власт, но и поврзување со жените од цела Југославија за заедничко решавање на женското прашање.
Избраните текстови во оваа брошура се однесуваат на улогата на жените од Македонија во социјалистичкото уредување на државата, поттикот и нивното вклучувањето во општествениот живот и прозиводствените процеси. Оваа воведна брошура служи да претстави повеќе содржински аспекти на весникот. Во електронска форма оваа брошура можете да ја најдете на овој линк.