“Првите кралеви на Европа“, изложба на македонски артефакти во Музеј Битола
Во понеделник 17.02. во Малата сала на НУ Музеј и завод Битола со почеток од 14 часот ќе биде отворена изложбата на македонските предисториски артефакти, коишто беа изложени во САД и Канада во рамки на изложбата: „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europе).
На изложбата „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europе) беа прикажани околу 700 предмети од 23 институции од Балканот. Од Македонија вклучени беа дваесетина предмети од заводите и музеи од Битола и Прилеп и од гевгелискиот Музеј. Координатор од Македонија беше археологот Гоце Наумов.
Археолошки предмети од неолитот, енеолитот и од железното време пронајдени на локалитетите Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци беа дел од големата балканска изложба „Првите кралеви на Европа“ (First Kings of Europe) која две години беше поставена во неколку музеи во САД и во Канада. Поставката составена од стотици други артефакти од 23 балкански музеи, го прикажуваа постепениот општествен развој на предисториските заедници на овие простори. Изложбата First Kings of Europе е резултат на иницијативата на Филдовиот музеј од Чикаго и соработката со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола, Музејот од Гевгелија и Заводот и музеј – Прилеп.
Изложбата First Kings of Europе беше структурирана во четири главни делови: Територија пред кралевите: неолитски период; Првата позлатена доба: бакарната доба; Нови патишта на моќта: бронзеното време; Раѓањето на кралското семејство: железната доба. Изложбениот курс се развива преку посебна сценографија, која комбинира прикажување на предмети со графички елементи, видео и аудиоелементи.