АктуелноЛокално

Исмаил: ДПМНЕ и ЗНАМ ја одложуваат интерпелацијата за Илире Даути

Со пет интерпелации на дневен ред почнува првата пленарна седница на Собранието во 2025 година. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт – за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени.

Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути. Владејачкото мнозинство, оваа интерпелација ја стави последна на дневниот ред, со цел да избегне јавен притисок, и истата да биде разгледувана доцна во ноќта. Ова го соопшти пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.

„Владејачкото мнозинство на чело со ВМРО ДПМНЕ во договор со ДУИ интерпелацијата за Илире Даути, која како претседател на собраниска комисија го блокира Законот за бранители, сака да ја стави последна на дневен ред за да расправата биде таму некаде у вампирски време, се со цел тоа да помине нечујно во јавноста, што дава индиции дека ВМРО ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата на пратеник кој го блокира Законот за бранителите,“ соопшти Исмаил на социјалните мрежи.